Барб-Никол Поснардан била ќерка на богат татко, производител на текстил и политичар. Се омажила за Франсоа Клико на возраст од 21 година. Тој починал во 1805, оставајќи ја вдовица на 27 години, со шестгодишната ќерка Клементина. Неговата смрт најверојатно била самоубиство, но била препишана на тифус.
Ова ја оставило вдовицата (на францусики вев, veuve) на чело на компанија која се занимавала со банкарство, трговија на волна и производство на шампањ. И покрај притисоците од околината, дека на жена не ѝ доликува да се занимава со бизнис, а уште помалку со производство на вино, таа опстојува на својата идеја да не ги продаде лозјата и сама да создаде шампањ кој ќе се разликува од сите останати на пазарот, поради една „финта“ во производството. Станува збор за тн. remuage, што вклучува постепено навалување и ротирање на шишињата кои стојат на посебна накривена полица за таа намена, за да се раздвижи талогот кој се формира во текот на втората ферменатција во вратот на шишето, а потоа истото да се отстрани.
Во биографскиот филм „Вдовицата Клико“ од 2023 ја следиме приказната низ повеќе напред-назад сцени од различните предизвици на кои наидува Барб, денес препознаена како една од првите меѓународни бизнисменки. Таа не само што го создала модерниот пазар на шампањ, туку тоа го направила среде војните кои ги водел Наполеон во Европа. Тој притоа наметнувал посебни закони за извоз на француското вино, така за да не може да му се насладува непријателот.
Токму овој факт всушност излегува клучен - како што Наполеоновите војни се приближуваат кон крајот, Клико во својата визба веќе има подготвено нешто што подоцна ќе стане легендарна берба од 1811. На работ на банкротот, таа презема огромен ризик, знаејќи дека рускиот пазар, веднаш штом ќе биде дозволено, ќе нагрне на нејзиниот екстремно благ шампањ (со речиси 300 грама шеќер, двојно од денешните десертни вина). Непосредно по прогласувањето мир, шишињата кои веќе стигнале илегално зад воените линии до Амстердам биле подготвени да влезат во Русија, со што Клико била многу пред своите конкуренти. Рускиот цар Александар Први објавил дека тоа е единствениот шампањ кој сака да го пие - ова се проширило на рускиот двор и...победничкиот шампањ можел да биде отворен.
Денес, Вев Клико е еден од најпродаваните шампањи во светот, токму благодарејќи на инаетот и трудољубивоста на вдовицата што се спротивставила на сиот свет и дочекала да наздрави за својот успех.