Уметникот Бенџамин Шајкин разгледувал скен на децималната класификација на Дјуи кога прв пат забележал дигитална грешка во базата на Google Books. Во случајов една рака со нешто што личи на розов кондом на показалецот ја затскрива содржината на книгата. Во долниот агол на страницата стои жигот - „Дигитализирано од Гугл".
Вакви грешки во скенираните документи на Гугл очигледно има многу штом веќе постојат обиди тие да се регистрираат, во форма на фотографии, онлајн видеа или галериски инсталации. Оние најентузијастичните чешлаат страница по страница од книгите скенирани и поставени на Гугл, надевајќи се дека ќе налетаат на досега нерегистрирана грешка. Во ова предничи блогот The Art of Google Books, кој собира два типа слики: аналогни дамки кои се показатели на хартиената историја на некоја книга, и дигитални грешки кои настануваат како последица на скенирањето. Истовремено се регистрираат и белешки напишани на маргините на античките текстови, библиотечни печати за крајниот рок за враќање на книгата од минатиот век, дамки од цигари, црвоточини, траги од цвеќиња притиснати помеѓу страниците. Дигиталните грешки пак најчесто се состојат од извитоперување на изгледот на текстот и фотографиите на страниците во текот на скенирањето, а често и скенирање на раката на оној го врши.
На почетокот на декември судијата Дени Чин пресуди дека скенирањето на милиони книги од страна на Гугл е законско - тоа значи дека во иднина се повеќе и повеќе луѓе ќе ги пребаруваат овие скенови. Со оглед на брзината и обемот со кои Гугл го врши проектот, компанијата секако не може да ги корегира сите грешки кои настануваат во процесот. Тоа значи дека тие ќе бидат тука уште долго време, веројатно засекогаш.
Шајкин студирал графички дизајн кога прв пат нашиол на грешка во книга на Гугл. Наскоро веќе имал цели збирки, кои почнал да ги објавува како серија мали, рачно подврзани книги, под наслов „Гугл раце". Наскоро нашол истомисленици, како Пол Соулелис, сопственикот на „Библиотеката на печатениот интернет", која се состои исклучиво од работи извадени од веб и oбјавени во хартиени книги. Една книга се состои само од слики на автопати кои се погрешно преставени заради грешки во картографскиот алгоритам на Google Earth, друга е збирка фотографии на кучиња со очи кои сјаат преземени од Фликр, како и кодови (онакви кои докажуваат дека сте човек) презентирани како визуелна поезија. Повеќето од нив се евтини изданија, но неколку се високо квалитетни уметнички монографии, како на пример 96-томниот сет наречен „Фотографии на други луѓе", која содржи материјал од случајно одбрани страници на Фликр. Соулелис ја нарекува неговата библиотека „акумулација на акумулациите". Книгата, вели тој, е далеку од мртва, таа се враќа во облици кои до скоро беа незамисливи.
Извор: Њујоркер