Иако начинот на живот на музичарите не е за машала и без честите патувања, токму тие им се најчеста причина за депресија. Неодамнешна студија на невладината хуманитарна организација Help Musicians UK открила дека 71% од испитаните имаат психолошки проблем за време на долгите турнеи, или откако ќе се вратат од нив. Вообичаеното однесување на музичар на ваквите патувања е во сè спротивен на стереотипните правила за здрав живот - умерено пиење, одбегнување дроги, доволно спиење и поддршка од пријателите и семејството. Не е ни чудо што некои музичари едноставно пукаат.
95% од турнеите всушност се одвиваат на аеродроми, хотели, со летови кои понекогаш траат и по 16 часа. Мат Зо, британски продуцент номиниран за Греми, вели дека дури и човек во здрава емоционална состојба може да се лизне, а за оној кој веќе страда од некоја форма на вознемиреност, хотелските соби се како затворски ќелии.
За ваквиот контраст помеѓу задоволството од успешен настап и антиклимаксот којшто следи има и посебен термин „пост-перформанс депресија" или ППД. Кога телото искусува голема возбуда во него се лачат такви биохемиски супстанци на кои потоа им треба време да се „слегнат", што резултира со нешто што изгледа како тага во споредба со претходната повишена состојба. И во секојдневниот живот ваквиот процес резултира со типични подеми и падови на расположението, но во случајот со ППД процесот е поекстремен, па оттаму и разликите во расположенијата се поголеми.
Падот особено се чувствува кога славните музичари ќе се вратат дома, кадешто треба да ја хранат мачката или да носат деца во градинка, што не им ја обезбедува потребната возбуда. Музичарот се чувствува како да упаднал во нечиј друг живот, во кој не се препознава себеси. Токму затоа има бендови и музичари кои со години се на турнеја, за да ја одржат таа рутина, која иако е физички исцрпувачка барем е некаков стабилен и безбеден контекст во споредба со реалниот живот. Секако, битен е и финансискиот момент, бидејќи и најдобриот музичар не може да си ја замисли кариерата без живи настапи. Сепак, добро е одвреме-навреме да се потсетуваме дека и славните музичари се само луѓе, со ментално здравје кое е поважно од нашата потреба да ги видиме во живо, па макар и како точка што се мрда во далечината на некој стадион.