Во детална репортажа за правењето на филмот која ќе излезе денес (13.11) во данското филмско списание Filmmagasinet Ekko, долгогодишниот продуцент на фон Трир, Петер Аалбаек Јенсен, вели дека режисерот како негова конечна верзија предал 5,5 часа монтиран материјал. Но верзијата која ќе ја има својата светска премиера во Копенхаген на Божик ќе биде долга „само" четири часа, и поделена во два филма од по два.
„Кратката верзија е против волјата на Ларс, но тој ја прифаќа бидејќи ги разбира пазарните механизми. Не можете да направите филм од 11 милиони долари кој е толку долг. Пет и пол часа е толку екстремно, и толку радикално ја намалува пазарната вредност, што инвеститорите би чувствувале дека купиле мачка во вреќа", вели Јенсен.
Фон Трир дури и не ја погледнал кратката верзија, но негов услов кратењето да биде од чисто комерцијални причини, а не заради отстранување на сексуално експлицитните сцени. Првично имаше планови да се издадат хардкор и софткор верзија на филмот, но тоа веќе не важи. Наместо тоа, ќе има само „тврда" верзија, а дистрибутерите во поединечните земји можат да одлучат дали ќе замаглат некои елементи кои се според нив неприфатливи. Данската верзија ќе си тера апла.
Место да се среќни што некој ќе им заштеди време, гледачите уште од сега прашуваат кога ќе излезе интегралната верзија на приказната за сексуалниот живот и дело на една жена од детството до средовечноста, која во возрасната верзија ја игра Шарлот Гензбур. Покрај неа во филмот играат Кристијан Слејтер, Џејми Бел, Ума Турман и Кони Нилсен, иако во повеќето од еротските сцени каде што учествуваат наводно се користени двојници или дигитални финти.
Трејлерот за филмот беше отстранет од Јутјуб на почетокот на овој месец, заради голотијата и експлицитниот секс. Но на сајтот на филмот ги има сите досегашни пет „поглавја" (таканаречени „апетизери"), а сигурно веќе сте ги виделе и постерите со оргазмичките фаци на главните актери во филмот.