Теологијата на чоколадото

Консумирањето чоколадо во христијанскиот свет, особено во католичките земји, кои први имале пристап до него од Европејците, предизвикал дилема. Дали тоа смее да се јаде? Дали треба да биде забрането за време на пости? Расправиите, од папи до монаси, завршиле во моментот кога овие првите го пробале.

Чоколадото има историја, но за христијаните, особено за католиците, има и теологија. Биле напишани долги и учени трактати за тоа дали е забрането тоа да се консумира, и во кои периоди од годината. Ова е делумно последица на тоа што Шпанците кога дошле до Америките го поврзувале пиењето (не јадењето) на чоколадо со ацтечките верски обреди. Ацтеките ја вреднувале чоколадната мешавина која ја вареле не само како извор на храна, туку и како свет, дури и мистичен еликсир, кој го менувал телото и духот. Шоља какао била дар од боговите, нешто што се поврзувало со човечкото срце, со форма слична на мешунките на плодот какао. 

Ваквите идеи и слики тешко дека им биле привлечни на првите свештеници и монаси кои го минале Атлантикот за да ги преобратат домородните народи во христијанство. Тие се прашувале дали е воопшто соодветно христијаните да пијат нешто што се поврзува со идолатрија и обредни убиства? Од друга страна, тие во течното чоколадо виделе добра замена за друга света, но поретка течност: виното. Францисканскиот монах Торибио де Бенавенте во 16 век пишувал со одобрување за локален обичај во мексиканскиот град Тлакскала каде на Задушница (Денот на сите светци) во речиси сите индијански градови се раздавало за мтрвите, при што некои нуделе пченка, други ќебиња, леб, кокошки, „а наместо вино - чоколадо“.

Во Стариот свет пак, чоколадото било дочекано и со љубопитство, но и со сомнеж. Од една страна, какаото било со растително потекло, но самото чоколадо често се подготвувало со јајца или млеко. Истовремено, тоа бил луксузен производ а конзумирањето луксузни стоки одело против јакнењето на духот. 

Дебатата околу ова прашање во католичката црква траело повеќе од еден век. Во неа предничеле доминиканците, кои барале ограничување на консумирањето чоколадо, па дури и испратиле претставник во Рим во 1577 за да побараат мислење на папата Грегориј 13 во врска со тоа. Од друга страна августинскиот теолог Агостин Антолинез бил за чоколадото, како продукт кој нуди инстантно освежување и качување на шеќерот во крвта. Во 1636 инквизитор под име Антонио де Леон Пинела го отфрлил ставот на Антолинез преку долг трактат под наслов „Моралното прашање: дали чоколадото значи прекршување на постот или не?“. Други пак го поддржале, како eден припадник на помала католичка заедница, кој напишал текст под наслов „Чоколадото и тутунот: црковен и природен пост“.

На крај језуитите, кои до тогаш имале комерцијални интереси да произведуваат и дистрибуираат какао, го проблематизирале ова прашање, обезбедувајќи одобрување од Рим. За таа цел извесен кардинал напишал мислење на 16 страници, „За употребата на чоколадото“. Језуитите веднаш го објавиле и го реиздале најмалку четири пати во следната деценија. 

Излегло дека црквата бадијала се расправала бидејќи таа не можела да го спречи неодминливото навлегување на чоколадото и помеѓу народот, и помеѓу самите свештеници. Се смета дека најмалку тројца папи од 18 век биле страствени пијачи на чоколадо. Откако еднаш и самите го пробале, дискусиите сами сами по себе се разрешиле.

извор

8 март 2022 - 17:11