
Јан Заласиевич е професор по палеобиологија, а Сара Габот по палеонтологија. Обајцата предаваат на Универзитетот Лестер во Британија. Ги имаат поминато нивните досегашни кариери анализирајќи ги фосилните остатоци на далечното минато, занимавајќи се со диносауриси и скаменети цветови. Но сега тие се свртуваат кон предметите кои секојдневно ги произведуваме и ги употребуваме, конципирајќи ги како еден вид идни фосили или поточно, технофосили.
Нивната нова книга е под наслов „Фрлено: како технофосилите ќе бидат нашата ултимативна оставштина“. Еве неколку поенти од неа:
Првото нешто што ќе му фати око на кој и да е палеонтолог од далечната иднина се нашите објекти од типот згради, патишта, машини итн. Во последниве децении нивното количество е зголемено на над трилиони тони, и тие во моментов ги надминуваат во тежина сите живи нешта на Земјата. Тоа е многу сиров материјал од кој ќе се генерираат идните фосили.
Потоа, поголемиот број нешта се направени за да бидат издржливи, отпорни на 'рѓа и се значајно посилни во споредба со просечна коска или школка. Голем број од нив се нови за планетата. Фрлените алуминиумски лименки на пример се насекаде, но тоа за нашата планета е нова ситуација, бидејќи чистиот алуминиум е речиси непознат во природата. Во изминатите 70 години имаме произведено 500 милиони тони од овој материјал, доволно за да се прекрие цела територија на САД (и дел од Канада) со стандардна алуминиумска кујнска фолија.
Што се случува со овој материјал на долг рок? Алуминиумот е отпорен на корозија, но не засекогаш. Закопан под земја во слоеви кал и песок, една лименка може лесно да почне да се распаѓа, но претходно да остави отисок во овие карпи кои се покриени со микроскопски кристали од глина, новопојавени поради кородираниот алуминиум.
Како би му изгледале на идниот археолог ваквите отисоци - од лименки, кондоми, тампони, чепкалки за уши? Каква реконструкција би направил за човечкиот живот на планетава базирана на нив?
Секако, и понатаму ќе има остатоци од животни, на пример коски од највообичаената птица - кокошките. Тие во моментов сочинуваат 2/3 од целата птичја биомаса на Земјата. Бидејќи често овие коски се во некакви амбалажи за храна, тие лесно можат да се мумифицираат, што е чекор на патот кон петрификација, односно скаменување. Тие, големи по димензии но понекогаш скршени или деформирани од остеопороза, ќе ја раскажат сопствената тажна приказна. Идните геолози ќе се чудат на оваа новоеволуицрана птица, која ја имало во огромен број, а сепак била толку физички неспособна. Дали ќе можат да ја откријат приказната за бројлерите, добиени со генетски инженеринг така за да се максимизира нивната тежина но и да се заколат само пет-шест недели по испилувањето?
Редок на Земјата во природна форма е и бетонот, кој луѓето го имаат направено хипер-присутен. Нему ќе му се придружи силициумот од компјутерските чипови и телефоните . Фосилизиран чип ќе биде малку тежок за дешифрирање бидејќи полупроводниците нац'цкани на него се мерат во нанометри, односно се потенки отколку повеќето минерални форми кои геолозите ги проучуваат денес. Покабасти фосили ќе претставуваат тастатурите, мониторите, каблите.
Оттаму, она што е важно во сето ова е свеста - дека денешното загадување се состои од утрешни фосили. Разбирањето на тоа како се одвива фозилизацијата на различни материјали може да ни помогне да го насочиме отстранувањето на отпадот, но и да оставиме насоки за идните проучувачи кои веројатно ќе се прашуваат - за што ли ни служеле толкави количества „нешта“.
извор
фото: Сара Габот