Тао-то на користењето мобилен: како ритуалите можат да ја променат нашата врска со технологијата

Ограничување на времето пред монитор. Минималистички апарати. Оставање на мобилните на купче за време на вечера. Нема недостаток на креативни „решенија“ за нашата нестабилна врска со паметните телефони. Потрошувачката е непријателот, ограничувањето е решението, а новите навики се ветениот резултат. Целта? Попродуктивен живот, ослободен од бескорисното скролање и испразноста на социјалните медиуми. Звучи фино, но не врши работа.

Како и традиционалната диета, намалувањето или откажувањето од претераното користење на мобилните телефони подразбира бескрајна дисциплина и го патологизира она што се ограничува. Уште поважно, целта ги поддржува истите вредности кои (наводно) нè држат залепени до телефоните: продуктивност и практичност.

Коментатор на Хеџхог Ривју, професор по класичен кинески, кој поминал низ ваквата „технолошка диета“, следи поинаков пристап инспириран од конфуцијанството и таоизмот. Наместо подобри навики стекнати преку рестрикција, можеме да се хармонизираме со нашите телефони преку ритуал, вели тој. Ова понекогаш подразбира нешто што плаши: откажување од целите кои воопшто нè поттикнале на промена. Но овие традиции ветуваат дека резултатот ќе биде подобар отколку алтернативните решенија.

Тоа да се инспирираме од Конфуциј не значи буквално копирање на ритуали кои биле наменети за радикално различно време и место. Тоа значи прифаќање на неговото убедување дека ритуалот е од суштинско значење за добро проживеан живот. За него, тој не е ограничен на типично религиските контексти како склопување брак или погреби. Нашата интеракција со семејството, храната и секојдневните ритми на реалноста бараат придржување до некаква обредност, која води кон хармонична врска со сè, па дури и со нашите мобилни.

Само има еден детал. Ако сакаме ритуалите да „фатат“, не смееме да ги користиме за постигнување цели како зголемена продуктивност и ефикасност.

Тука настапува таоизмот. Неговите класични текстови забележуваат дека луѓето се опседнати со корисност. Оптимизацијата и финтите за постигнување на целта по најкраткиот пат очигледно и тогаш биле „ин“. Уште пред 2000 години, луѓето кратковидо се фокусирале на корисни стратегии и алатки кои би им помогнале да живеат подолго или да заработат повеќе.

Ова е начинот на кој и денес се рекламираат мобилните, како алатки за помалку губење време и зголемена ефикасност. Безбројните апликации ветуваат „слобода да се биде неверојатно продуктивен“. Ако имате среќа, на крај апликацијата нема ни да ви треба бидејќи вашето продуктивно однесување ќе ви стане навика. 

Но што ако овие цели се всушност дел од проблемот? Таоизмот сугерира дека наместо да сме во потрага по она што е корисно, треба да ја прифатиме бескорисноста. Ова можеби звучи апсурдно, додека не увидиме дека бескорисноста е суштинска компонента на ритуалите во секоја духовна традиција, било да е таа источна или западна, древна или модерна. 

На пример - поклонувањето пред да се стапне на татами во сала за боречки вештини. Ова не придонесува за загревање на мускулите, односно нема некаква практична примена. Не создава отпорност на повреда и не го заплашува опонентот. Тогаш чуму клањање? Затоа што тоа внесува духовен момент во искуството на вежбањето. Го сакрализира просторот и нашата врска со него. Го третира присуството на татамите како цел самата за себе, а не како средство за друга цел.

Стратегиите и алатките не можат да го направат тоа, бидејќи тие претпоставуваат постоење цел вон или по она за што се наменети. Тие се секогаш средства за постигнување нешто друго. Навиките исто така не можат да го сторат тоа. Клучна разлика помеѓу навиките и ритуалите е дека првите, без оглед дали се добри или лоши, не бараат фокусирање на умот. Ритуалот тоа го бара, посветување внимание на дејствата и предметите. Навиките ни овозможуваат да ја заборавиме нашата врска со светот; ритуалите нè потсетуваат на неа. 

Водејќи се од овие принципи, можеме да ја промениме нашата врска со мобилните, инспирирани од вообичаени видови ритуали. 

Првиот тип се ритуали на пристапување кон предметот, како спомнатото поклонување, или кажувањето молитва пред јадење. Ваквиот вид обреди нè тераат да застанеме пред да преземеме одредено дејство. Целта не е да се обесхрабриме од преземањто на дејството или да го ограничиме неговото времетраење. Нема друга цел освен посветување на должна почит кон него - кажувањето молитва е знак на благодарност а не обврска да се јаде помалку.

Ваквиот пристап може да го промени начинот на кој мислиме во врска со проблемот со мобилните. Рестриктивните апликации претпоставуваат дека времето на телефон е загуба која треба да биде ограничена. Но ако се поклоните секогаш пред да го земете телефонот в раце или да отворите Твитер, тоа може да го облагороди искуството кое така повеќе ќе се цени, и секое дејство внатре него ќе биде вршено со поголема одговорност. Наместо елиминирање на загубата на време, таа се трансформира, во благодарност. 

Вториот вид ритуал е жртвување. Целта не е ослободување од нешто лошо, како што постот не би требало да е само дел од држење диета. Ограничувањето на нештото (храната, мобилниот) е наменето за тоа да се цени повеќе и да не се претерува со истото дури и кога не е време за пост.

Третиот тип на ритуал е трансгресија - таков вид кој од нас бара промена на улогите и вредностите. Како кога Папата им ги мие нозете на затворениците, или кога во стенд-ап комедија пофалбата има форма на навреда. Ваквата трансгресија на доминантните вредности обезбедува дека кон нив нема да се однесуваме со слепо обожување. Во контекст на мобилниот тоа може да подразбира постирање на неместена, смешна, навредлива слика од себеси секој ден. 

Патот не е ист за секого и не секогаш функционира според очекуваното. Но довербата во него значи дека она што ќе следи ќе биде похармонично отколку она што сме го имале претходно, кога на технологијата сме гледале како на негативна сила која мора да биде победена или ограничена. Проблемот не е во самата технологија, и никогаш и не бил. Како што се менува општеството се појавуваат нови форми на живот кои треба да бидат осмислени низ нови ритуали. Со малку среќа, набргу ќе му благодариме на телефонот, наместо да го колнеме. 

извор

29 април 2023 - 10:11