Во текот на повеќе од век и половина колку што има поминато од создавањето на „Аранжманот во сиво и црно број 1“, попознат како портрет на мајката на авторот - американскиот сликар Џејмс Абот МекНил Вислер, оваа слика претставува инспирација за голем број уметници. Кол Портер ја има спомнато во „Ти си врвот“ од 1934 („Ти си најдобра/нозете на Фред Астер/драма на О’Нил/Вистлеровата мајка/Ти си камамбер“). Едвард Бонд ја има претворено во ѓавол во инвалидска количка во „Баба Фауст“, а во 1997 Mистер Бин антологиски се искива врз неа, уништувајќи ја. Заедно со Мона Лиза и Девојката со бисерната обетка таа е една од трите портрети на женски фигури кои се редовно „препрочитувани“, а тоа ни е и прекар кога домашните ќе нè видат седнати крај прозорецот со книга в рака.
Она што е интересно за оваа слика е дека таа сепак не била создадена за да оддаде почит на мајката (како што тоа го протолкуваа поштите на САД издавајќи поштенска марка со неа по повод Денот на мајката). Американскиот уметник кој живеел во Лондон не бил заинтересиран да претставува членови на семејството - Ана Вислер, неговата мајка, едноставно позирала на место на некој кој не се појавил тој ден. Како што сугерира и оригиналниот наслов на сликата, она што го интересирало авторот бил техничкиот предизвик на модулирање тонови црно и сиво на начин на кој би биле препознатливи во полусветлина.
Ова станува особено јасно ако се земе предвид дека 10 години порано тој во „Белата девојка“ ја насликал својата љубовница Џо Хифернан облечена во бело, поставена пред бела позадина и оригинално ја нарекол „Симфонија во бело“. Ова со сивото и црното бил уште еден естетски експеримент, овој пат на спротивниот крај на спектарот.
Секако, откако еднаш ќе биде создадено, уметничкото дело си презема значења кои авторот можеби никогаш не ги планирал, па така сликар кој велел дека не е заинтересиран за „имитациски“ портрети или симболички претстави излегува дека денес е славен токму поради нив. Симболички се толкува, на пример, позиционираноста на „субјектот“, кој е истовремено во центарот и вон него. Живеејќи во близина на студиото на синот во Челси, вдовицата-мајка му била истовремено и менаџер и поддршка но и главен критичар. Правела ручеци за посетителите, го терала да ги обележува со бројки своите графики за да им ја зголеми пазарната вредност, и да се спријателува со важни луѓе кои би можеле да му бидат муштерии. До крајот на животот се гордеела со „својата слика“, велејќи дека тоа не е само портрет туку и знак на благодарност на синот за нејзиниот придонес во неговата кариера.
Но дека нивниот однос баш и не бил толку идеален покажува тоа што кога Вистер добил вонбрачен син со локална собарка, ваквата вест не стигнала до Ана. Таа го имала минато Атлантикот цели 11 пати додека ги следела сопругот и синовите низ светот. Можеби поради тоа на сликата е претставена не со своите елегантни домашни папучи, туку со стапала кои изгледаат како често да газеле врз туѓи прсти.
На ваквата потрага по позадината на сликата нè поттикна едно прашање во најновото издание на хрватскиот „Милионер“ - која слика виси на ѕидот на (буквалната) позадина - поглед на Темза која асоцира на експериментирањето со графики на Вислер. „Портретот“ на неговата мајка е создаден по неговото враќање од Париз, каде ги проучувал традиционалните уметнички техники со кои решил да си поигра, и во случајот со оваа слика во слика.