Ta не се само Чарлс и Дајана: бизарните бракови на кралските семејства

Оние што ја гледаат најновата сезона на „Круната“ детално ги следат маките на кралската романса, медиумски најпокриената во историјата. Но нејзините премрежја не се ништо во споредба со други, помалку познати аристократски бракови.

Императорот на Австрија, Франц Јозеф, одамна ветен на принцезата Хелена од Баварија, наместо во неа, се заљубил во нејзината помала сестра Сиси, уништувајќи ги династичките планови на нивните семејства.

Откако ја сретнал својата нова жена Катерина од Браганза, англискиот крал Чарлс Втори наводно очајно извикал: „Ми донеле лилјак за жена!“

Во модерната ера, развојот на медиумите и променетите ставови и кон кралските семејства, и кон она што се подразбира под „романтична врска“, сепак немаат големо влијание врз она што се случува во овие кругови. А едно од правилата е - ако заинтересираните страни се договорат, желбата и потребите на поединците се во втор план. Не е ни чудо што принцезата Шарлин наводно три пати се обидела да избега пред својата свадба од 2011 за Алберт од Монако. Еве неколку примери за бизарни случки во оваа смисла.

Во 1615, кога советниците на Михаил, првиот цар на Русија од лозата на Романови, одлучиле дека му треба сопруга, тие точно знаеле што треба да прават. Уште од 1505 година постоел еден вид кралски избор на невеста, скратена постапка на местото на сложен протокол кој би го подразбирал развојот на една „нормална“ врска. Невестите биле прикажувани како на избор за „мис“, а биле регрутирани неколку месеци порано, со тоа што кралските службеници ја „чешлале“ земјата, одбирајќи стотина девојки кои би можеле да се кандидираат. Тие биле потоа испраќани да живеат во Москва, прегледувани од доктори и испитувани од страна на „жири“. Финалистите, како во некое реално шоу, останувале да живеат во иста вила, чекајќи ја посетата на царот.

Според книгата „Снашка за царот: изборите за невеста и брачната политика во рана модерна Русија“ од историчарот Расел Е. Мартин, дотераните девојки биле презентирани пред царот - паѓале пред него на колена, тој ги дарувал со шамивче со златовез и бисери, а потоа ја бирал онаа која најмногу му се допаѓала. Останатите за утеха добивале парче земја или пари, и си заминувале по дома.

Така била одбрана Мариа Хлопова или царицата Анастазија. Сè одело добро додека еден ден Марија не повратила среде прием, најверојатно од премногу слатки. Но некој дворски службеник по име Салтиков, кој го мразел семејството на Марија, ја искористил ситуацијата и ѝ дал некаков лек кој всушност бил отров, иако таа по кратко боледување преживеала. Потоа врз основа на овој инцидент тврдел дека таа не може да има деца. Марија и семејството биле избркани во Сибир, и иако кога царот Михаил дознал за измамата сакал да ја врати назад, бил спречен од своите советници.

***

Кога починала третата сопруга на кралот Хенри Осми, Џејн Сејмур, неговата репутација веќе била начната. Пуштил глас дека сака да се ожени со европска принцеза со „педигре“, но кога негов претставник му кажал на кралот на Франција дека Хенри сака да му собере аристократки во Кале за да може лично да ги бира, Франсоа се изнасмеал и одговорил дека „кралските принцези не смеат да бидат третирани како расни коњи“.

Хенри тогаш се свртел кон убавата и умна 16-годишна вдовица Кристина од Данска. Негови претставници ја опседнале, секојдневно известувајќи го англискиот крал колку е таа спортски надарена и учена. Кристина се однесувала смирено и достоинствено, но само до моментот кога англискиот амбасадор не почнал пред неа да реди дека „тој е најнежниот џентлмен кој живеел на планетата земја, со толку благонаклона и пријатна природа што до сега никој не слушнал лош збор од негова уста“. Тогаш само што не пукнала од смеење и љубезно ги испратила проводаџиите, да се вратат од каде што дошле.

Хенри неволно се свртел кон Ана, со која се оженил во 1540. Но неколку месеци се развел од неа, продолжувајќи со својата репутација на најнестабилен кралски сопруг во Европа.

***

Очигледно, не секоја жена сонува за тоа да се омажи со принц. А ова особено важи ако таа живее во Јапонија. Всушност во 1980-тите и 1990-тите, списокот на оние кои сакале да „дејтаат“ со принцот Нарухито бил многу краток. Женските членови на кралските јапонски семејства се озлогласено тивки и изолирани, и не им е дозволено да работат, да излегуваат на вечери па дури ни да ги гледаат своите семејства. Една девојка има изјавено - „Би се омажила за принц (игра на зборови - за Принс), кога тој би бил американски музичар, и доколку не би бил Јапонец“.

Но ова не ги спречило дворските советници од составување списоци. Некои од девојките кои се нашле на него избегале од земјата, а други се заканиле дека ќе се тетовираат или на некој друг начин ќе се унаказат за да не бидат во конкуренција.

Во 1986 Нарухито се запознал со Масако Овада, дипломирана на Харвард, на чајанка кај шпанскиот крал. Таа била намерно поканета, бидејќи била само една од трите жени кои го минале испитот за странска служба таа година. Иако Нарухито се заљубил во неа, Масако сакала да стане дипломат, и избегала од принцот за да студира на Оксфорд (иако јапонските медиуми ја следеле и таму).

Во 1992 статусот на ерген на Нарухито веќе бил оценет како национална криза. Тој и формално и понудил брак, и иако таа била на ниет да одбие, палатата извршила толку голем притисок врз татко ѝ, ветувајќи ѝ дипломатска улога на светската сцена, што таа поради чувство на должност попуштила. Наводно тој период воопшто не спиела, а во јавноста била видена со темни кругови околу очите. На крај, на 12 декември 1992, попуштила. Сепак, парот до денес има проблеми, а според професорот по англиски на Масако, таа од умна и жива личност станала „безлична“, жртва за својата земја.

28 ноември 2020 - 10:38