Супер-анархист, а не супер-херој: Супермен на почетокот бил „насилен социјалист“

На 11 јули е најавена премиера на нов филм за суперхеројот на Ди-си комикс. Иако денес е познат како ултимативниот американски господин Најс Гај, во 1930-тите тој не почнал на тој начин. 

Новиот „Супермен“ на Џејмс Ган излегува следната недела, но уште од првите трејлери на интернет се водат дебати дали новиот Човек од челик, кого го игра Дејвид Коренсвет, е вистински верен на стриповскиот оригинал. Некои се прашуваат дали е премногу мрачен, премногу „воук“, или пак дали треба да ги носи црвените гаќички над синиот костум. Но зад сите овие прашања се крие консензусот дека постојат неколку елементи што се неприкосновени: Супермен мора да биде побрз од куршум, посилен од локомотива, да потекнува од планетата Криптон, да живее во Метрополис и да биде вљубен во Луис Лејн. А истовремено, мора да биде доблесен, чесен и можеби малку здодевен. За разлика од Бетмен или Вулверин, кои се привлечни бидејќи ги кршат правилата, Супермен мора да биде примерен Американец.

Но не било секогаш така. Првите стрипови за Супермен, напишани од Џери Сигел и илустрирани од Џо Шустер, излегуваат во 1938 во списанието Action Comics. Во нив, Супермен бил далеку понепослушен и, во некои аспекти, далеку помодерен. Тој бил фигура која самоволно го спроведува правото со тупаници, насмеан додека ги заплашува непријателите. Комикс-историчарот Марк Вејд го опишува како „супер-анархист“, а не супер-херој што соработува со полицијата. Да се појавеше денес, веројатно би бил прогласен за најсубверзивен јунак.

Писателот Пол С. Хирш, автор на книгата „Палп емпајр“, вели дека бил шокиран кога открил дека првобитниот Супермен бил „насилен социјалист“. Во тие рани изданија, Супермен тепа насилници, урива врати, виси луѓе од прозорци, и тоа често со саркастични коментари. Жртви му се не само мафијаши туку и домашни насилници, сурови управители на сиропиталишта, безскрупулозни индустријалци и политичари. Не бил типичен херој во костум туку левичарски револуционер кој се бори за социјална правда.

Сигел и Шустер биле школски другари од Кливленд, Охајо, кои пораснале во време на Големата депресија. Супермен бил нивен начин да ги искажат фрустрациите кон системот и неправдите. „Тој беше шампион на угнетените“, вели Сигел. Во својата книга, Хирш додава дека целата комикс индустрија била заснована од луѓе кои не можеле да најдат работа на други места – Евреи, имигранти, жени, луѓе од малцинства – па затоа во неа цветаат креативни и понекогаш радикални идеи.

Во тие рани броеви, Супермен урива сиромашни квартови за да ги принуди властите да изградат подобри услови за живот. Ги гони коцкарите затоа што ја уништуваат економијата на зависниците. Се пресметува со невнимателни производители на автомобили и со корумпирани политичари. Не делува секогаш според закон, но го прави тоа со јасна цел и со смисла за правда.

Но ваквиот ангажман не трае долго. Брзо потоа Супермен се свртува кон фантастични зли научници и чудовишта, а социјалниот елемент се губи. Според Вејд, со растот на популарноста на Супермен, Ди-си не сакале да ризикуваат со политички содржини. Покрај тоа, Сигел бил повикан во војска во 1943, а Шустер почнал да има проблеми со видот, па морале да им ја препуштат креативната контрола на други. Тие уште во 1938 ги продале правата за Супермен за 130 долари и подоцна биле третирани како обични вработени, не како творци на културна икона. Во 1947, безуспешно се обидуваат да си ги вратат правата преку суд.

По Втората светска војна, Супермен веќе не бил борец против богатите и моќните. Во 1950-тите, под притисок на цензурата и паниката околу „расипаното“ влијание на стриповите врз младите, индустријата воведува саморегулација – Comics Code Authority – што дополнително го припитомува ликот. Станува фигура на морал, татко-заштитник кој се бори против вонземјани, но не против реални неправди.

Сепак, Супермен никогаш не останува ист. Во некои епохи е конзервативен и подбивно нарекуван „големиот син извидник“, но понекогаш повторно добива дел од својата првобитна остра интуиција. Каков ќе биде Супермен во новиот филм на Џејмс Ган, сè уште не се знае – но можеби повторно ќе стане закана за корумпираните градоначалници и алчните градежни магнати. 

извор

4 јули 2025 - 16:06