Статуите во древна Грција и Рим не само што биле во боја, туку биле и - парфимирани

Митот дека овие статуи биле бели бил создаден и одржуван меѓу другото за да им служи на расистичките идеологии. Оригинално, древните уметнички дела биле во боја и, дополнително, убаво мирисале. Со тоа целата древна уметност добива нова, олфакторна димензија. 

Нови откритија поврзани со уметнички дела во древна Грција и Рим покажуваат дека приказната за нив не е заокружена. Студија објавена во стручното списание Oxford Journal of Arhаeology овој месец на данскaта истражувачка Сесиле Бронс, покажува дека статуите не само што биле обоени и декорирани со текстил и накит (нешто што се знаеше и претходно), туку дека биле и парфимирани.

Користењето парфеми за човечкото тело, како и за ароматизирање на простории, е добро документирано во древниот медитерански свет. Сепак, според спомнатиот текст, парфемите не биле користени само за живи човечки тела, туку и за скулптури. Тие не само што оригинално биле полихромни и украсени, туку во одделни случаи биле и намирисани, за нивното искусување да не биде само визуелно туку и олфакторно. 

Авторката во истражувањето се потпирала на класични текстови и натписи, за ја испита улогата на парфимираните статуи во контекст на верските и културните практики. 

Вакви траги има на повеќе места низ класичната книжевност. Така, римскиот оратор Цицерон ја забележува практиката на премачкување статуи со миризливи масла. Во Сегеста, на Сицилија, статуата на божицата Артемида била прскана со мириси како дел од обредните активности. Натписи на храмот Делос во Грција содржи детали за цената и состојките на парфемите кои биле користени за статуите на божиците Артемида и Хера, како маслиново масло, пчелин восок и мириси направени од рози. 

Поетот Калимах укажува на парфеми во неговиот опис на статуата на кралицата Беренис Втора од Египет, велејќи дека била „мокра од мириси“. Ова значи дека традицијата не била ограничена само на божествени фигури туку и на претставници на кралското семејство и други видни личности. Во тек на фестивали како Флоралија во Рим се користеле мирисни венци од ружи и тејманушки за да се украсат статуите и на тој начин да се нагласи свечената атмосфера. 

Една од техниките на нанесување мирис била наречена „ганозис“, што значи мешање на масла и восоци, кои не само што убаво мирисале туку и правеле статуите да блескаат во целиот нивен сјај. Истовремено, ова овозможувало и некој вид конзервација на делови направени, на пример, од слонова коска, од влијанија на влажната локална клима. 

Иако оригиналните мириси се одамна изветреани, истражувањето довело до физички докази кои ги поддржуваат ваквите документирани употреби на миризливите состојки. Со тоа се доведува во прашање долготрајното верување дека класичните скулптури се чисто визуелни објекти - тие изгледа требало да понудат многу подлабоко, сетилно искуство. 

19 март 2025 - 18:26