Ринго во фолклорот поврзан со Битлси е претставен како некаков Болдрик со прстени - човек кој случајно се нашол на тапанарското место во една од најпознатите групи во историјата на музиката, а чија задача била од време на време да замавнува со шишките и да се смешка.
Вистината е дека непосредно по распадот на групата, неколку соло-песни на Ринго станаа хитови, додека на неговите колеги им требаше малку повеќе време да се соземат и да си го најдат патот. Иако тој е веќе во Рокенрол халата на славните како дел од Битлси, сега тој ќе биде награден за музичка исклучителност како поединец. А на 74 години, тој сè уште одржува концерти, и во моментов го промовира новиот албум, „Разгледници од рајот", кој содржи песни со негови стихови кои зборуваат за детството и годините минати во Ливерпул.
Еве уште неколку причини зошто Ринго заслужува почит:
- Тој бил прв вистински рок тапанар прикажан на телевизија. Сите негови колеги кои свиреле со Елвис или Литл Ричард биле повеќе блузери кои го прилагодувале стилот од четириесетите и педесетите на новиот звук. Биле облечени во одела, и ги држеле палките на традиционален начин, како во воените оркестри, додека Ринго мавал со нив истовремено - нешто што подоцна го прифатиле и оркестарските перкусионисти и производителите на тапани, кои развиле опрема соодветна за ваквиот начин на свирење
- Ринго почнал тренд на поставување на тапанарот на пиедестал, не метафорично туку буквално, на платформа повисока од останатите музичари, кои така можеле полесно да го гледаат - така тој практично цело време бил поставен над останатите тројца Битлси. Тоа што користел тапани од марката Лудвиг придонело за славата на овој бренд.
- Ринго го сменил начинот на којшто се снимани тапаните. Веќе на „Рабер соул" (1965) тој, со помош на тонците од студиото на Ејби Роуд, популаризирал нов звук на овој инструмент штимајќи го пониско, благо загушувајќи му го звукот и ставајќи микрофон на секој од тапаните
- Имал речиси совршено темпо. Ова им овозможувало на Битлси да снимат една песна и по 50 пати, а сепак да можат да комбинираат различни парчиња од изведбите во едно, без да се чувствува промена на ритамот на тапаните. Ова денес се постигнува со дигитален метроном, ама тогаш постоел Ринго
- Ги мразел тапанарските соло изведби, што за многумина е плус. Со Битлси имал снимено едно единствено соло, на Б страната на Ејби Роуд.
- Можел да свири чудни комбинации на ритми, како на Here Comes the Sun, каде свири 11/8, па 4/4, па 7/8.
- Не е точно дека Ринго не свирел на голем број песни затоа што не бил доволно добар. Всушност, тој има свирено на сите можни албуми и песни на Битлси кои вклучуваат тапани. Исклучок се Back in the USSR и Dear Prudence на кои свири Пол, заради тоа што Ринго привремено ја напуштил групата. Пол свири тапани и на Балада за Џон и Јоко, затоа што Ринго во тој момент снимал филм
- По распадот на Битлси сите членови како да бегале еден од друг. Но Ленон решил токму Ринго да свири на неговиот прв соло албум. Според неговите зборови: „Ако тргнам некаде, Ринго точно знае каде". Што може повеќе да се посака од еден тапанар, освен од време на време да замавнува со главата и да се смешка?
- Не е поврзано со музиката, но Ринго имал обичај спонтано да нафрла чудни зборови и изрази, сега познати како „рингоизми“. Еден од нив, "a hard day's night" станал наслов на славната песна и филм на Битлси.
Тапаните на Ринго во Here Comes the Sun, изолирани