Шкотскиот актер Брајан Кокс, најпознат по неговите настапи со Royal Shakespeare Company, но и по филмските „Троја", „Храбро срце" или „Борновиот идентитет", во ова видео игра една многу потешка улога - подучува 2-годишно дете како да глуми.
Ни помалку, ни повеќе, тоа е славниот монолог на Хамлет, којшто детето, водено од неговиот актерски тренер, го изговара со неверојатна уверливост. Тоа, како што објаснува Кокс во второто видео, е доказ дека актерството е вештина, за која е многу поважна способноста да се користи јазикот и да се доловуваат чувства, отколку да се прават кој знае какви истражувања во врска со улогата.
Двегодишниот Тео како данскиот принц:
Интервјуто на Кокс (1:36 минути) во врска со неговиот „мастерклас":
Без оглед дали децата механички би ги изговарале овие зборови до возраста кога навистина би ги разбрале, можеби е добро да се воведат уште во градинка, наместо оние за мачињата и за пролетта. Особено овој, исто така од „Хамлет" (чин 1, сцена трета, советот на Полониј до син му Лаерт)
Еве, благослов нека те следи,
а овие неколку поуки во паметењето свое врежи ги:
Мислите чувај си ги во себе,
не спроведувај во дело недоквакана мисла.
Биди близок во однесувањето ама никако прост.
Пријателите што ги имаш, проверени во доблеста,
приковај ги за срце со челичните алки,
но не расти си струпја во дланката,
братимејќи се со новопечени, недоносени другарчиња.
Варди се од кавги, но ако дојде до нив,
со држењето влеј на противникот страв.
Сослушај секого, ама отварај се на малцина;
Чуј ги мислењата на сите ама судот нека биде твој.
Скапо носи се, колку што џебот ти дозволува,
ама не изигрувај монден; богато, не китнесто.
Зашто често облеката го оддава човекот,
а во Франција од највисокото друштво
имаат најистенчен вкус за ова.
Не биди должник, ниту заемодавач,
зашто често со заемот го губиш и пријателот,
А заемот го тапи острилото на штедливоста.
Ама над сè, остани верен на самиот себе,
по што ќе следи, како ноќта што доаѓа по денот,
да не бидеш неискрен кон други луѓе.
Збогум, благословов мој се во тебе нека зрее.