Последниве два дена интернет го зафати бура откако куп сајтови, од Би-би-си, преку Ројтерс до Eн-би-си објавија дека twerk („играње на популарна музика на сексуално провокативен начин со мрдање на колковите и низок, клекнат став) и selfie (фото кое си го правиш сам на себе со мобилен) се додадени во репрезентативниот Оксфордски речник. Лингвистите и пуристите, скандализирани од веста, веќе му напишаа некролог на англискиот јазик. Но она што тие не го сфатија е дека се работи за друг речник, со слично име, но со поинаква агенда и тежина.
Имено, Oxford University Press, издавачот кој го објавува оној „сериозниот" речник, истовремено објавува и онлајн верзија, Oxford Dictionaries Online, која се фокусира на тековниот англиски и вклучува модерни значења и употреби на зборовите. За разлика од првиот кој е историски речник кој регистрира зборови и нивни значења во англискиот во тек на повеќе од 1,000 години, вклучувајќи голем број архаични и историски термини бидејќи ништо во него не се брише, овој на интернет е полежерен, и во него се прави пиши-бриши.
На сајтот на овој речник се објаснува дека twerk воопшто не е нов збор, и дека тие ја следат неговата употреба последниве дваесет години. Прв пат според нив бил спомнат во раните 1990 во контекст на музичката сцена во Њу Орлеанс, каде често се користел во клубови и на забави. Иако потеклото не е баш јасно, најверојатно се работи за верзија на work (како во 'work it'), споено со twist. Значи „работи со мрдање", што прави глаголот да има широка употреба, и вон музичките води.
Eве кратко упатство, ако се заинтересиравте. Единствено останува нејасно дали е ова ексклузивно женски танц, или сепак и мажи можат да играат со потклекнување и ширење на нозете.
+ Морган Фримен ја чита веста, и се чуди