Среќен 70-ти роденден г-дине Вејтс

Тешко е да се поверува, но денес, 7.12.2019, Том влегува во сериозни години. Со неговата музика созреавме, а богами полека старееме и ние.

Сигурно има многу начини како да го одбележиме овој значаен јубилеј, но се одлучивме за едно интервју од 2008, кое е посебно поради една работа - Вејтс во него се интервјуира самиот себеси. Повелете, замезете се од тортата.

Која е најчудната плоча во вашата збирка?

Во седумдесетите дискографска компанија од Лос Анѓелес издаде плоча под наслов „Најдоброто од Марсел Марсо“. На неа имаше четириесет минути тишина после кои следеше аплауз, и тоа звучеше одлично. Сакам да ја пуштам во друштво. Но навистина ме нервира кога луѓето зборуваат во меѓувреме.

Кои се некои необични нешта кои се оставени во гардероба?

Па, Винстон Черчил бил роден во женска гардероба, и бил една шеснаесетина Ирокез.

Секогаш сте уживале во врската помеѓу модата и историјата...кажете ни нешто за тоа.

ОК, да го земеме дводелниот костим за капење, произведен во 1947 од француски моден дизајнер. Погледот на првата жена во минимален дводелен костим бил исто толку експлозивен како детонација на атомска бомба од страна на САД на островите Бикини, па оттаму и неговото име.

Што е рај за вас?

Јас и жена ми на Рут 66, со бокал кафе, евтина гитара, касетофон од заложувалница, во мотел број 6, и кола која добро вози, паркирана баш до вратата.

Што е за вас тешко?

Најчесто јазот помеѓу реалноста и имагинацијата. На мојата реалност имагинацијата ѝ е потребна како што на сијалицата ѝ треба струја. Мојата имагинација има потреба од реалноста како што на слеп човек му треба стап. Математиката е тешка. Читање мапи. Следење наредби. Дрводелство. Електроника. Водоводџиство. Точно да запамтиш нешто. Прави линии. Стврднат гипс. Да најдеш безопасна. Трпение кон другите. Нарачување на кинески. Инструкции за стерео на германски.

Што не е во ред со светот?

Закопани сме под куп инфомрации, кои погрешно ги сметаме за знаење; квантитетот се меша со обилност и богатството со среќа. Кучето на бизнисменката Леона Хелмсли наследи 12 милиони долари минатата година, а Дин МекЛејн, фармер од Охајо, заработи 30.000. Ова е гигантска верзија на лудило кое расте во мозоците на секој од нас. Ние сме мајмуни со пари и оружје.

За што се прашувате?

1. Дали куршумите знаат за кого се наменети?
2. Дали има затка на дното на океанот?
3. Што им велат џокеите на своите коњи?
4. Како се чувствува весник кога ќе заврши исецкан за украси?
5. Какво е чувството да си дрво покрај автопат?
6. Понекогаш виолина звучи како сијамска мачка; првите жици за виолина биле од црева на мачки. Каква е врската?
7. Кога светот ќе се исправи на две нозе и ќе нè отфрли од својот грб?
8. Дали некогаш луѓето ќе се земаат со роботи?
9. Дали дијамант е само парче јаглен со трпение?
10. Дали Ела Фицџералд навистина има скршено винска чаша со нејзиниот глас?

Целото тука

Види и расказ Tom Waits meets Goce Arnaudov

7 декември 2019 - 11:49