За општествената (не)одговорност

Спрингстин наспроти Џеј Зи

Дали помеѓу хип-хоп генерацијата и онаа која се бореше за граѓански права во Америка има длабоко недоразбирање околу тоа што претставува општествена одговорност? Дали Спрингстин е поангажиран поет од Џеј Зи? Излегува дека за оваа работа не е важно дали си црнец или белец - битно е дали си богат.

Во интервју за Холивуд Репортер минатата година Хари Белафонте ги наведе Џеј Зи и Бијонсе како примери на успешни музичари кои според него „ѝ го свртеле грбот на социјалната одговорност". Притоа додаде: „Дајте ми го Брус Спрингстин, и тогаш можеме да правиме муабет. Навистина мислам дека тој е црн".

Џеј Зи му одговори во интервју во кое го обвини Белафонте за 21-вековен 'чичотомизам': „Само што го испромовира белецот, а ме понижи мене во белите медиуми". Иако и тој, исто како и Белафонте, рече дека „Брус е супер дечко".

Но во текст објавен на сајтот Salon се прави анализа на стихови на раперот и на Шефот, која покажува дека разликата помеѓу овие двајца музичари, кога се работи за социјалната ангажираност на нивните стихови, и не е толку голема. Ајде да видиме:

Baby, this town rips the bones from your back
It's a death trap, it's a suicide rap
We gotta get out while we're young.

Бејби, овој град ти ги корне коските од грбот.
Тој е смртоносна стапица, самоубиствен удар
Мора, дур сме млади,
да си одиме од тука

(Springsteen, Born to Run)

I'm a block away from hell, not enough shots away from stray shells
An ounce away from a triple beam still using a handheld weight scale...
Where we call the cops the A-Team
'Cause they hop out of vans and spray things
And life expectancy so low we making out wills at eighteen.

Eден блок сум од пеколот,
недоволно истрели далеку од залутани куршуми
Неколку грама близу троен зрак
а се уште користејќи рачна вага,
каде што ги викаме полицајците А-тим
затоа што скокаат од комбиња и прскаат нешта,
а животниот век е толку низок
што си правиме тестаменти на осумнаесет.

(Jay Z, "Where I'm From")

или

From the town of Lincoln Nebraska with a sawed off .410 on my lap
Through to the badlands of Wyoming I killed everything in my path.

Од Линколн, Небраска, со .410-ка во скутот
Преку пустелиите на Вајоминг
убив се' по патот.

(Springsteen, "Nebraska")

Come test me, I never cower
For the love of money, son, I'm giving lead showers
Stop screaming, you know the demon said it's best to die
And even if Jehovah witness, bet he'll never testify.

Дојди, провери ме, никогаш не потклекнувам
Заради љубовта кон парите, синко
правам тушеви од олово
Престани да врескаш,
знаеш дека демонот рекол дека е најдобро да се умре
Па дури и Јехова да сведочи,
верувам дека никогаш нема да прозбори.

(Jay Z, "D'Evils")

Во песниве никаде не се спомнува менувањето на социјалните услови, туку само се истура гнев и се заминува. Во песната на Спрингстин главниот јунак вели дека нема намера да се враќа. За разлика од него Џеј Зи во неговата песна сепак остава место за некаква одговорност: „Ако ми пукне, ќе им кажам/За грешките и за тоа што точно се случува во гетото". Така тој повеќе го бира патот на хроничар отколку на активист, пат кој и раперот и рокерот го имаат следено во нивните кариери, и покрај тоа што тој ги има носено низ темни сокаци.

Но во раните 90-ти г-дин Роден да трча веќе е далеку од мрачните предградија, туку е во огромна куќа во Лос Ангелес со неговата жена и деца. На двата албума кои ги има направено во овој период тој звучи некако неповрзан со реалниот живот, додека се фали за оној неговиот:

I bought a bourgeois house in the Hollywood hills
With a truckload of hundred thousand dollar bills
Man came by to hook up my cable TV
We settled in for the night my baby and me
We switched 'round and 'round 'til half-past dawn
There was fifty-seven channels and nothin' on...

Купив буржујска куќа во Холивудските ридови
со шлепери од илјадници банкноти долари
Луѓе дојдоа за да ми ја приклучат кабелската
си седевме дома јас и драгата
вртевме по нив до рани зори.
Имаше пеесет и седум канали
а на нив ништо.

(Springsteen, "57 Channels")

Во друга песна тој замислува како гради ѕид околу куќата за мафијашките пресметки во Комптон да бидат далеку од син му кој спокојно спие, што тешко би можело да се нарече левичарски повик за акција. Не е ни чудно што албумите Human Touch и Lucky Town ги добија најлошите критики во неговата кариера, вклучително и оваа, во Ентертејмент Викли: „Веројатно Спрингстин се обидува да се убеди себеси дека зад неговата прекрасна банкарска сметка и славата се уште е рокенрол фраер и поет од тротоарите. Но тој тоа не е, и тоа го докажуваат самите албуми".

Звучи познато, бидејќи критичарите истото го кажаа и за Magna Carta Holy Grail, новиот албум на Џеј Зи, нарекувачки го „чудно далечен и безбеден": „Неговата надеж е дека никој нема да забележи дека добро ситуираниот сопруг и татко нема веќе што да каже зад завесата на рап суперѕвезда". Патем, Спрингстин имал 42 години кога ги издал спомнатите албуми, а Џеј Зи сега е само една година постар.

Во подоцнежната кариера Спрингстин се корегираше, а резултатот беа балади во врска со нерегистрираните мексикански имигранти и фармерите од ерата на депресијата. Следеа оние за војната во Ирак и последиците од ураганот Катрина.

Но и Џеј Зи има пеено за овие теми. И исто како и Спрингстин, и тој го поддржа Обама во 2008 и 2012. Можеби не е целосно посветен на теми од национално значење, но ни Спрингстин не е таков, и често знае да запее за „девојки во летни фустанчиња" и „кралицата од супермаркетот". Тогаш зошто вториов сепак успева да убеди некого (во случајов Белафонте) дека повеќе се грижи за човечките суштества и нивните проблеми во споредба со други, дури и црни музичари?

Можеби одговорот е во неговoто интервју за Ролинг Стоун, во кое Џон Стујарт го праша како излегува на крај со толку различни очекувања на публиката од него: „Генерално правам она што го сакам во секој даден момент и ги оставам луѓето да видат каде би можеле да се вклопат. Единствено што го имам на ум е дека сум среде еден цел животен век на разговор со мојата публика, и се обидувам да го следам. Мартин Скорсезе една рече дека 'твојата работа е да направиш публиката да живее со твоите опсесии'. Па ако уметникот се загуби во тој разговор кој го води со публиката, тој може да се загуби засекогаш. Така, јас го водам тој разговор, а истовремено си ја давам потребната музичка слобода". 

Со еден збор - му иде муабетот. За разлика од новата хип-хоп генерација и старата гарда на борци за граѓански права, чии претставници очигледно меѓусебно не можат да се разберат.

20 август 2013 - 16:08