Камерон Мол, дизајнер и предавач, е очигледно прецизен и стрплив човек. Неговото типографско конструирање на Бруклинскиот мост е последниот од серијата проекти кои имаат една заедничка црта - „градење" на познати објекти и споменици од букви. Пред мостот го работел римскиот Колосеум, а пред тоа мормонскиот храм во Солт Лејк.
Мол е дигитален експерт кој користи најнов компјутерски софтвер (во случајов работи со Адоб Илустратор), но сепак 70-80 проценти од карактерите кои се видливи на делото се позиционирани и ротирани еден по еден. „Многу е напорно и можам да издржам само еден час. Очите буквално почнуваат да ми течат ако продолжам подолго од тоа", вели тој.
Мол работи со дигитализирани фонтови кои се поврзани со периодот во кои настанувале објектите. За Бруклинскиот мост работел со тајпфејс Font Bureau наречен Antique Condensed, кој е близок на печатарски слог кој се користел кога мостото бил завршен, во 1883.
Мостот на Мол е всушност посветен на луѓето кои умреле градејќи го вистинскиот Бруклински мост, и на голем број други кои овозможиле тој да постои. Истовремено тој е посветен на сите кои нешто создаваат: „Еден од најдобрите текстови за мостот бил објавен на денот кога тој е отворен. Монтгомери Шулер од Харперс Викли на 24 мај 1883 напишал: 'Делото кое најверојатно ќе остане наш најдолготраен споменик и ќе пренесува знаење од нас до нашите идни поколенија, има чисто употребна вредност; тоа не е храм, не е тврдина, не е палата, туку мост'. Ако некој може да направи нешто убаво и историско преку нешто толку банално и утилитарно како што е еден мост има надеж за сите нас кои работиме на слични секојдневни и утилитарни проекти".