Галеријата Сачи конечно го призна она што љубителите на gif-ови одамна го знаеа - дека тие се легитимна уметничка форма. Ова се смета за голема работа, затоа што токму оваа галерија помогна балоните во форма на животни на Џеф Кунс или ајкулите во формалин на Демиен Хрст да станат едни од најславните парчиња современа уметност. Плус во неа се одржани 15 од дваесете најпосетени изложби во главниот град на Британија во изминатите пет години.
Изложбата била организирана преку конкурс - авторите биле поканети да ги испраќаат нивните дела преку Google Plus, а за да се обезбеди канонот на модерната уметност да не биде преплавен со мачиња организаторите обезбедиле жири составено од познати уметници, меѓу кои и режисерот на Мулен руж, Баз Лурман.
Резултатот: 4,000 подвижни сликички од 52 земји, кои биле сведени на 60 финалисти. Од нив потоа биле избрани победници во шест категории: пејсаж, стил, акција, ноќ, луѓе и урбано (списокот тука). Една од добитничките на наградите, Ема Кричли, вели дека целата идеја да се привлече внимание кон подвижните сликички е многу важна, бидејќи креативниот процес на создавање обична и ваква фотографија е различен. „Разликата е во тоа што гледате многу мало движење, односно такво кое речиси незабележливо се повторува. Важно е целата рамка да е многу мирна, а вие морате да бидете многу прецизни околу тоа кои елементи ќе се мрдаат", вели таа.
Уште една добра страна на изложбата е што фаворизира минималистички композиции и ја решава старата дилема околу изговорот на џиф или гиф со тоа што овие сликички ги нарекува motion photography (подвижна/движечка фотографија). Оние кои се сеуште скептични околу нивното прифаќање како посебен уметнички жанр се потсетуваат дека до пред само дваесетина години и графитите беа сметани за вандализам, за денес Банкси да е еден од најславните уметници на светот.
Извор: Wired