Скандалозниот германски експеримент во кој сирачиња биле вдомувани со педофили

Се викал „Проект Кентлер“, според германскиот психoлог Хелмут Кентлер кој бил негов творец. Експериментот предвидувал намерно доделување бездомни деца од западен Берлин на мажи-педофили, со образложение дека тие „навистина ќе ги сакаат“.

Хелмут Кентлер (1928-2008) имал раководна позиција во Центарот за истражување на образованието во Берлин. Неговата теза била дека сексуалниот контакт помеѓу возрасни и деца нема никакви негативни последици по вторите, и ги убедил властите да му одобрат проект кој траел 30 години, според кој татковци педофили посвојувале сирачиња а за тоа добивале и редовни надоместоци.

За ова се дозна кога пред неколку години двајца од жртвите ја обелоденија својата приказна, а истражувачи од Универзитетот Хилдешајм почнаа да копаат по досиеата и да вршат интервјуа. Тие дошле до сознанија дека постоела цела мрежа која вклучувала куп образовни институции, државното биро за социјални работи, па дури и Сенатот, а кои сите заедно ја прифаќале, поддржувале и бранеле педофилијата.

Самиот Кентлер бил во постојан контакт со децата и нивните посвоители. Никогаш не бил обвинет за кривично дело, а во моментот кога се дознало за неговите дејства, тие веќе биле застарени.

Неколкумина од посвојувачите биле високо рангирани професори од престижни институции, како Институтот Макс Планк, Слободниот универзитет во Берлин, како и озлогласената школа Оденвалд во Хесе, која беше центар на голем педофилски скандал пред неколку години. Од тогаш тој е затворен.

Прв извештај за „Експериментот Кентлер“ бил објавен во 2016 од страна на Универзитетот во Гетинген. Oд тогаш тој како жежок костен се префрла од една до друга институциска рака, за пред една година берлинската сенаторка за образование да им вети финансиска компензација на оние кои биле жртви на злоупотреба.

20 јули 2021 - 18:22