„Надзорен капитализам“ (Surveillance Capitalism):
- Нов економски поредок според кој човечките искуства се бесплатен, сиров материјал за скриени комерцијални практики;
- Паразитска економска логика според која производството на добра и услуги е подредено на новата глобална архитектура на бихејвиорална модификација;
- Злокобна мутација на капитализмот, обележана со концентрации на богатство, знаење и моќ без преседан во човечката историја;
- Голема закана за човечката природа во 21 век, исто како што бил закана индустрискиот капитализам во однос на природниот свет во 19 и 20 век;
- Движење кое има за цел да наметне нов колективен поредок базиран на целосна предвидливост;
- Експропријација на човечки права во форма на пуч од горе: укинување на човечкиот суверенитет.
Ова е основниот термин на кој се однесува нова книга на Шошана Зубоф, „Добата на надзорниот капитализам: борбата за човечка иднина на новата граница на моќта“. Исто како што продава стоки и услуги, новиот дигитален капитализам тргува и со предвидувања за нашите однесувања и преференци, а на сметка на демократијата, приватноста и слободата. Бидејќи кога луѓето се целосно информирани за тоа како се користат нивните податоци тоа не им се допаѓа, Гугл и Фејсбук го земаат она што им треба без да прашаат. Потоа тие податоци можат да бидат манипулирани за комерцијални или политички цели.
Тоа значи дека кога гугламе ние не сме само оние кои пребаруваат, туку сме и пребарувани. На Фејсбук пак му ги имаме доделено нашите најдлабоки тајни. За да преживеат комерцијално вон нивните почетни цели, овие компании (и сличните на нив) сфатиле дека располагаат со сосема нов вид ресурс: нашиот „бихејвиорален вишок“, збир информации за секоја наша мисла, збор или дело, кој може да се размени за профит на новите пазари, базирани на предвидување на секоја наша потреба, или на нејзино поттикнување. Рамно на колонијални освојувања, теч гигантите ги прогласиле овие до тогаш некористени ресурси за нивна сопственост, притоа отфрлајќи каква и да е одговорност и транспарентност.
Овие аспекти на нашето дигитално однесување се затскриени и оттаму тешко разбирливи. Затоа и процесот на освестување и пружање активен отпор на ваквата економија на надзор ќе биде бавен и долг. За илустрација авторката ја користи навидум наивната игра Покемон го. Таа е пресмешен и очигледен пример за врската помеѓу бихејвиоралниот вишок и физичката контрола. Иако нејзините првични играчи ја фалеа играта заради тоа што ги поттикнуваше да излезат надвор, во „реалниот свет“, тие преку неа влегле во сосема нова фабрикувана реалност, таква базирана на години и години условување на човечката мотивација преку системи на награди, и дизајнирана така за нејзините корисници да бидат насочувани кон комерцијални потфати.
Само по неколку денови од објавувањето на играта во 2016, нејзините креатори открија дека атрактивни виртуелни локации во играта се продаваат на оној кој ќе понуди најмногу пари, истовремено потпишувајќи профитабилни договори со МекДоналдс, Старбакс и други за да ги водат Покемон ловците кон нивните порти. Играчите мислат дека играат една игра - дека собираат Покемони - додека всушност играат сосема друга, во која таблата е невидлива, а тие се пионите. И ова е само еден мал пример за огромните можности за „штелување“ и манипулирање на човечките дејства, а во корист на приватни компании.
Сепак, Зубоф не е песимист, и смета дека ваквите утописки шеми по дефиниција се осудени на пропаст. Новите генерации ќе мора да се соочат со овој епохален предизвик, да ги раскринкаат рамките на ваквиот светски поредок, и да воспостават нови и подобри иднини.