Мортимер Адлер бил една од највлијателните интелектуални личности во САД во средината на дваесеттиот век. Неговиот пат до академската кариера бил необичен – работел како момче за ситни задачи во весник, посетувал вечерно училиште и никогаш целосно не ги завршил студиите на Универзитетот Колумбија. Сепак, подоцна станал професор по филозофија на правото на Универзитетот во Чикаго.
Во 1945 година започнал да работи на својот најголем проект – колекцијата „Големите книги на западниот свет“. Изданието содржело 54 тома со дела од најзначајните автори на западната цивилизација, од Хомер и Вергилиј до Дарвин и Хемингвеј. Комплетот се продавал од врата на врата и до почетокот на шеесеттите години станал изненадувачки успешен. Во многу американски домови овие книги претставувале симбол на образованост и културен престиж.
Но се појавил еден проблем – малкумина навистина ги читале сите тие томови. За просечниот читател, огромната библиотека изгледала застрашувачки и недостапно.
Затоа Адлер смислил оригинално решение –„Синтопиконот“, вештачки создаден термин од грчки корени кој комбинира „заедно, заеднички“ и „место, тема, предмет“. Станувало збор за два дополнителни тома кои претставувале своевиден водич низ големите идеи на западната цивилизација. Во нив биле издвоени 102 клучни поими, како доброто и злото, логиката, љубовта, задоволството, болката, универзалното и поединечното. За секоја од овие идеи, „Синтопиконот“ покажувал каде и како таа се појавува во стотиците дела вклучени во колекцијата. Така, читателот можел да ја следи, на пример, идејата за правдата од античка Грција до современата филозофија или да види како различни мислители низ вековите ја разбирале слободата.
Иако многумина го сметале „Синтопиконот“ за премногу сложен и непрактичен, самата идеја и денес е привлечна. Таа инспирирала и современи дигитални проекти, како интернет-платформата Syntopi.com, која овозможува истражување на „големиот разговор“ на западната цивилизација преку интерактивни алатки и персонализирани програми за читање.
Проектот е премногу елитистички, „бел“ и „машки“. Исто така, изборот имплицирал дека постои еден правилен список на книги што образованиот човек мора да ги прочита. Во шеесеттите и седумдесеттите години ова било силно критикувано од поотворените и плуралистички концепции за образованието, а критиката би можела да биде уште посилна денес.
Сепак, и покрај тоа што синтопиконот не е карта на целото човечко знаење, туку карта на тоа како една генерација американски интелектуалци во средината на XX век го замислувала западниот интелектуален универзум. И токму затоа денес тој е интересен не само како водич за книги, туку и како историски документ за една културна визија за образованието.