Оваа недела присутните на светската премиера на „Град на лебдечки звуци“ на кинеско-американскиот композитор Хуанг Руо своето музичко искуство ќе го започнат малку поинаку. Најпрвин ќе симнат апликација и ќе застанат на една од четирите почетни точки на улиците на Манчестер. Потоа ќе одберат и ќе пуштат едно од 11-те претходно снимени парчиња од симфонијата на нивните телефони, додека чекорат по патот до салата, следејќи рути сугерирани од апликацијата. Доколку некој доцни со пуштањето, таа го синхронизира неговиот телефон со останатите. Замислата е публиката истовремено да пристигне на концертот, за таму да започне вториот дел од искуството, изведба во живо на целата симфонија.
„Дури и за симфонија на Малер, најголемиот број изведувачи кои можете да ги имате е 120“, вели композиторот. „Во овој случај, ние ќе имаме повеќе од 1000 и тие сите заедно ќе учествуваат во изведбата на композицијата“.
Тој со ова дело сакал да оди контра изгонувањето на мобилните од концертните сали, но сепак нивната употреба да има некаква повисока цел - да ги зближи луѓето, со тоа што една случајна средба на рутата може да направи неочекуван спој на, на пример, дувачката секција која се слуша од еден телефон, со удиралките кои се слушаат од друг. На крај сето ова се спојува во едно на самата изведба.
„Град на лебдечки звуци“ ќе биде изведена во Манчестер од 6-8 јуни и во Њујорк на 23 и 24 јули.