Откако бил фатен во 2004, притворен и испрашуван, а потоа пуштен на слобода до закажувањето судско рочиште, г-дин Буриус (48) влегол во кујната од неговиот стан, си ги пресекол вените, и за секој случај го пуштил и плинот. За неколку часа избувнала експлозија која повредила 11 соседи, а 44 биле евакуирани.
Истрагата покажала дека во библиотеката фалат барем 56 ретки и вредни книги, вклучувајќи копија од филозофското ремек дело на Томас Хобс „Левијатан" од 1651 и делото на астрономот Јохан Кеплер „Harmonices Mundi" од 1619. Колегите на Буриус навистина претходно се прашувале од каде му се пари за Армани одела, свилени кравати и мерцедес, но сепак биле вчудоневидени од ваквиот систематски грабеж, чија тежина се проценува на 5 милиони долари. Со оглед на тоа што книгите секогаш биле плаќани во кеш од страна на аукциските куќи, јасно е дека тие знаеле дека нивното потекло баш и не е „чисто".
Новиот момент во приказната е дека една од тие исчезнати книги - најраниот печатен атлас на Америките - била пронајдена откако еден од библиотекарите во Шведската кралска библиотека забележал дека таа е понудена за продажба од страна на њујоршки дилер со мапи со интересно име, В. Греам Арадер III. Тој го купил атласот печатен во 1597. - една од само деветте копии за кои се знае дека се уште постојат - во лондонскиот Сотби во 2003., за околу 100,000 долари, без (како што самиот изјавил) да го знае неговото потекло. Атласот ги содржи првите мапи на Новиот свет, како и историјата на патувањата на Колумбо, Пизаро, Веразано и други истражувачи.
Откако е потврдено дека Арадер го има атласот, тој ја вратил книгата во Сотби, од каде му ги вратиле парите. А потоа Сотби ја вратил на Шведска, каде пристигна пред неколку дена. Сега шведските библиотекари се надеваат дека ќе пронајдат некои од останатите книги. Па, со среќа нека им е.