Деновиве Р. Р. Мартин соопшти дека сè уште ја нема завршено најавената шеста книга, „Зимски ветришта".
„Знам, разочарани сте, и не сте сами. Моите уредници се разочарани, од HBO се разочарани, исто и моите агенти и странски издавачи и преведувачи. Но никој не може да биде поразочаран од мене", напиша тој на неговиот блог
Повеќето фанови покажаа големо разбирање и поддршка за агонијата низ којашто поминува Мартин. Но имаше и такви кои реагираа полуто, како дечките од Wired, чии предвидувања се дека ако книгите не се напишат со време, дури и оние кои се во моментов подготвени да го чекаат книжевното продолжение ќе почнат да ги гледаат епизодите, направени од луѓе кои си ја бркаат својата продуцентско-сценаристичка работа и чие време е пари. Тие ако баш мораат ќе си смислат свое продолжување и финале од местото каде ќе им снема материјал, и тогаш книгите и серијата ќе си тргнат секоја по својот пат, што (нели) не беше поентата.
„Стани од шоља, старецу", беа некои од уште погневните коментари. Човекот кој ги има сите пари и сето време на светот не може да напише една ебана книга? А од 1996-2000 објавил три? Планира ли он да заврши нешто пред да умре?
Само оној којшто се нашол во креативна криза, или во вид на неодолива потреба да не се прави ништо, барем некое време, или во вид на молк на музата, знае како изгледа тоа некој да ти дреме над глава и да бара од тебе „резултати", во област во која не би требало да се работи на норма и под притисок, туку по диктат на инспирацијата. И претходно во историјата на литературата имало примери кога писатели не довршиле свое дело, иако тоа е најчесто од оправдани причини - затоа што просто умреле (или се самоубиле).
Еден од најинтересните случаи во оваа смисла е оној со „Мистеријата на Едвин Друд"на Чарлс Дикенс, серијал од 1870. Кога умрел авторот имал напишано повеќе делови од објавените, но сепак не и целата серија. Како резултат на тоа не се знае кој е убиецот, што довело до тоа фановите со векови да нудат свои верзии. Во 1914 Здружението на обожаватели на Дикенс исценирало лажно судење на еден од осомничените, при што Џорџ Бернанд Шо бил гласноговорник на поротата составена од колеги-писатели.
Освен смртта, има уште една ситуација заради која книжевните дела остануваат недовршени - затоа што авторот незадоволен од првата верзија прави втора, па треба, и на крај крева раце од сè. Таква е приказната за „Мистериозниот странец", која на крај ја составил биографот на Твен шест години по смртта на авторот, од неколку различни скици. Толкин постојано ја допишувал и препишувал „Силмарилион", која е објавена постхумно од страна на синот на Толкин. Кафка од непознати причини се откажал од довршување на неговиот роман „Америка". Џек Лондон напишал 20,000 зборови од „Бирото за убиства" пред да изјави дека не може да најде логичен начин да го заврши романот. Едгар Алан По напишал шест делови од романот „Дневникот на Џулиус Родман" објавени во списание во кое работел некое време. Но бил отпуштен од работа, и одбил да го доврши делото. Стивен Кинг го објавил романот „Растението" преку неговиот сајт, во делови и за еден долар претплата. Последниот дел бил објавен во 2000. Од тогаш се чека крајот.
Иако случајот со Мартин е специфичен заради паралелното течење со серијата (ниеден продуцент не го отекувал Твен, а немал ни нервозни фанови на Фејсбук и Твитер), работава се сведува на она што го има изјавено Труман Капоти. Во едно ТВ шоу, кога бил прашан што се случува со „Одговорени молитви", неговиот роман во ракопис, тој рекол: „Или ќе се откачам од него еднаш за секогаш, или тој ќе ме убие мене".
На Мартин му посакуваме добро здравје, а на неговите фанови трпение.