Видеата од дома откриваат

Што имаат славните во нивните библиотеки?

„Домашната библиотека е прозорец кон душата на нејзиниот сопственик“, вели стандардната изрека. Онлајн интервјуата од дома на некои од славните личности откриваат што имаат во нивните збирки.

Се приклучувате на видео конференција, не внимавате што се гледа во кадарот (или не знаете дека има опции за „заматување“ на позадината) и одеднаш половина свет видел дали ви е кречено, направил попис на она што стои на сушарата или на состојбата на собните цвеќиња.

Оние што малку повеќе внимаваат на својот јавен настап деновиве често се лоцираат пред својата библиотека, правејќи од книгите истовремено и естетски воедначена и интелектуално кул позадина. Ама ова не поминува без анализа (како кај сушарата и собните цвеќиња). Така, некој во Њујорк Тајмс се помачил да ги зумира насловите на „грбовите“ на книгите на неколкумина славни и да ги објави своите наоди. Дали е ова кршење на приватноста, или можеби книгите се ставени намерно таму каде што се, кој знае.

Кејт Бланшет (снимка од Лејт шоу со Стивен Колберт од 15 април, слика горе)

1. „Посткапитализам“ од Пол Масон: информациската технологија го убива капитализмот, каков што го познаваме. И ова може да оди на добро.

2. „Москва 1937“ од Карл Шлегел: портрет на советски логор во времето на режимот на Сталин

3. Оксфордски речник на англискиот јазик. Бланшет изгледа ги има сите 20 тома, кои содржат 171,476 зборови.

Принцот Чарлс
(Инстаграм профил на кралската резиденција Кларенс Хаус од 20 април)

1. „Стабс“ од Бејзил Тејлор: биографија на англиски сликар од 18 век, најпознат по своето портретирање на коњи
2. „Скршено“ (Shattered) од Дик Френсис: од перото на мајсторот на коњски трилери, роман за трки и дување стакло
3. „Кралеви во тревни замоци“ од Мери Дурак: австралиска класика од 1959 за историски настани од 19 век.

Ејми Полер
(на „Лејт најт со Сет Мејерс, од 3 април)

1. „Нулто време“ (Time Zero) од Каролин Коаган: дистописки роман за Менхетен од иднината контролиран од мизогинистички екстремисти, кои не им дозволуваат на девојчињата да одат на школо. Работите се менуваат поради една 15-годишна бунтовничка и нејзината баба
2. „Под дејство“ (Blitzed) од Нормал Олер: Знаевте дека нациститите биле на кристал мет? Оваа историска книга од 2017 беше хит кога излезе, затоа што покажа дека сите, од фабрички работници до милиони германски војници биле „под дејство“.
3. „Пивс“ од Мајк ван Ваес: детска книга за момче кое случајно ослободува мали нервозни чудовишта кои прават хаос.

Џејн Гудал
(на PBS NewsHour, 22 април)

1. „Скриената мета“ од Хелен Мекинес: шпионски роман од 1980 за американска студентка која на пат низ светот се замешува со тајни агенти кои сакаат да спречат терористички заговор.
2. „Крајот на храната“ од Томас Ф. Павлик: Авторот го разоткрива начинот на кој се произведува денешната храна, со опасно намалени количества витамини, минерали и прехранбени вредности

Помислете на сликиве пред вашиот следен видео чет, па наместете си ги во преден план оние книги што мислите дека најдобро ве претставуваат. А најсигурно, застанете пред бел ѕид.

Oвие и пар други библиотеки тука

1 мај 2020 - 12:23