Семантичка презаситеност (semantic satiation) е психолошки феномен кој се јавува кога повторување на збор или израз прави привремено тој да ја загуби смислата за оној кој го слуша или го пишува. Истиот ефект го има и простото гледање подолго време во пишан збор.
Автор на изразот е Леон Џејкобовиц Џејмс кој го употребил во својата докторска дисертација од 1962, сугерирајќи го како попрецизен во однос на претходно користени термини за истата појава. Тој претставил неколку експерименти кои го опишувале ефектот на семантичка презаситеност како последица на различни когнитивни задачи, како рангирање зборови кои се повторуваат во тек на краток временски период, собирање броеви по нивно гласно повторување или двојазични преводи на повторливи зборови. Во сите вакви случаи испитаниците повторувале збор или бројка неколку секунди. а потоа требало да извршат некоја задача со нивно користење. Покажано е дека повторувањето го отежнува извршувањето на задачата.
Објаснувањето е во тоа што во мозочниот кортекс вербалното повторување постојано поттикнува специфична невронска шема која кореспондира со значењето на зборот. Но со секое повторување на активноста, системот како да „отапува“, односно доаѓа до намалување на нејзиниот интензитет. Настапува замор, за по неколку секунди реакцијата дури и целосно да изостане.
Кога станува збор за подолго гледање во сложена слика или слика на одреден збор, феноменот се нарекува „гешталтцерфал“, што означува тип визуелна агнозија (непрепознавање), кога формата во која се гледа почнува да се „распаѓа“ на делови и да нема смисла.
Ефектот на повторување на звук или збор се користи во некои религии за постигнување на состојба на транс. Но во секојдневниот јавен говор честата употреба на одреден термин може да доведе до „инфлација“ на неговото значење, па на негово место да мора да почне да се користи нов, за да се постигне истиот реторички ефект. Демократија, право, закон, магдоонос...повторувајте ги доволно долго, и ќе почнат да личат на зборови на некој чуден јазик.