Што е тоа „негентропија“ и како може да ни помогне во животот?

Во физиката ентропијата е процес во кој одреден систем губи енергија и преминува во хаос. Но има и обратен процес, на воспоставување ред - организација, структура и функција.

Муабетот помеѓу родител и тинејџер често се сведува на хаосот кој зад себе го остава вториот, како на пример расфрлани валкани чорапи низ „детска“. Ова е едноставна манифестација на концепт од физика: ентропија. Ентропијата е мерка на тоа колку енергија се губи во еден систем - ако тој загуби премногу енергија ќе се распадне во хаос. За кревање од под на една чорапа треба мала енергија. Но ако не се чистат олуци од куќата, ако не се коси тревата и ако се остава да прокапува покривот, тогаш домот станува хаотичен и е потребно многу енергија сето тоа да се врати во „нормала“. Истовремено, новонастанатиот хаос цица енергија од времето и способноста да се постигнат други нешта.

Но во сето ова да ти имало и добра вест - негентропија. Терминот е воведен од физичарот Ервин Шредингер (истиот оној со мачката), во неговата научно-популарна книга од 1944 „Што е животот?“ како „негативна ентропија“, за подоцна да биде скратен во „негентропија“. Фактот што овој термин е далеку помалку познат од неговата спротивност, ентропијата, можеби зборува за нашата потсвесна наклонетост да се фокусираме на катастрофичното и негативното, или - полошо - да ја делегираме нашата одговорност за нередот на „повисоки сили“ од кои нема одбрана. Истовремено како да забораваме дека ентропијата не важи само за физичкиот свет, туку и за социјалниот.

Енергијата која се губи, на пример, во неефикасни состаноци или проекти кои не даваат видливи резултати, е извор на постојана фрустрација на поединци но и на стагнација на колективите. Доколку се преземат мерки кои би го ограничиле или би го превенирале губитокот на енергија, социјалните системи (исто како и физичките) би биле поефикасни и би дале поголеми резултати.

Како да се биде „негентропичен“ во свет каде доминантниот принцип е оној на ентропија? Еве неколку совети:

1. Пронајди ја ентропијата

Губитокот на енергија може и метафорично но и реално да се спореди со топлината која истекува од лошо изолирана градба или лошо организирана кујна. Колку побргу се сфати дека треба да се променат прозорците или да се средат фиоките, толку побргу ќе престане залудното трошење енергија.

2. Приоритети од загубите

Можеби нештата кои треба да се средуваат и поправаат се толку бројни што мора да се направи некаков приоритет. Ако во несредената кујна најмногу нервира и е најризична чешмата што капе, тогаш се почнува од неа, а не од мувлата во фрижидерот.

3. Откако ќе помине фазата на поправање и одржување

Ефикасноста на еден социјален и физички систем не е единствениот критериум за тоа дали тој е квалитетен. Откако ќе се поправат малите и итни нешта треба да се погледне големата слика и дали статус кво-то во оваа смисла можеби самото поттикнува загуби на енергија.

Секако, овие принципи може да важат на сите полиња кои одземаат енергија, од лични опсесии, до меѓучовечки односи. Но секогаш е до онаа прва чорапа фрлена на подот - ако таа не се крене, тогаш може да се очекува дека ќе следат фрлени гаќи, дуксери, ќесички од смоки, изгризано јаболко...

извор

13 април 2021 - 09:04