Што е тоа „мудрост“?

Иако е еден од најстарите термини во интелектуалната историја на човештвото, мудроста е тешко да се дефинира. Има мистични квалитети, инспирира восхит и стравопочит, но главно се потпира на архетипи од историјата или популарната култура. Мудроста е посакувана, но што е всушност таа?

Старци со бела брада и задлабочен поглед, од типот на Дамблдор во „Хари Потер“. Јогини, христијански отци, северно-американски поглавици, пророци. Филозофи. За сите нив повеќето луѓе би се согласиле дека одговараат на стереотипот на „мудрите“. Но научниот пристап кон мудроста во голема мерка каска зад широката и историски долготрајна употреба на терминот.

Неодамна е формирана Toronto Wisdom Task Force, истражувачка група чија главна цел е да постигне научен консензус за психолошките карактеристики на мудроста и најдобрите практики за нејзино мерење. Научниците вклучени во неа се надеваат дека ќе ја исфрлат мудроста од нејзиниот мистичен пиедестал и дека ќе најдат попрагматично и поконкретно објаснување за неа, кое нема да важи само за фиктивни карактери и за „просветлени“, туку и за обични луѓе.

Досегашните недостатоци на третирањето на мудроста е што таа се смета како нешто дадено од природата, како множество фиксирани личносни карактеристики а не особини кои варираат во зависност од ситуацијата и други фактори. Втора основа за можно недоразбирање е тоа што за мудроста понекогаш синонимно се користат други изрази, како потрага по вистината, подготвеност за соработка и милосрдие. И навистина, тешко дека би можеле да ја одвоиме мудроста од моралното однесување, односно за лош човек да кажеме дека е мудар. Мудриот исто така би требало да има способност за мета-когниција, односно за самопроверка дали е во право или не кога разгледува различни перспективи на комплексни проблеми. Ова е истовремено знак за интелектуална понизност, признавање на границите на нашето знаење. И земање предвид на различни перспективи на оние со кои не се согласуваме.

Но веројатно најголемиот предизвик е тн. „парадокс на Соломон“, еврејскиот крал познат по својата мудрост. Тој неа сепак ја покажувал кога биле во прашања проблеми на други луѓе, но за сопствените проблеми бил слеп. Во лабораториски експеримент во којшто учествувале поединци кои биле во моногамни романтични врски, од нив било побарано да размислат и да коментираат ситуација во која (во првата група) нивниот партнер е неверен, или (втора група) неверен бил партнер на нивен близок пријател. Иако ситуацијата била иста, оние кои размислувале за партнерот на пријателот во многу поголема мерка ангажирале мета-когниција во споредба со првата група. И покрај подоброто познавање на нашите партнери и поголемата мотивација да разбереме што се случило, способноста да мудруваме за настани во нашите приватни животи е значајно намалена. Станува збор за „асиметрија на мудроста“ која веројатно се должи на намалената рационалност кога се во прашање високо емотивни ситуации. Оттаму, за да бидеш мудар, излегува дека треба да бидеш со студена глава.

извор

16 октомври 2020 - 18:26