Бакроним е акроним кој е намерно формиран од фраза чии почетни букви даваат препознатлив збор или зборови. Ова се прави најчесто од мнемонички причини, односно за фразата лесно да се памти, но во голем број случаи и затоа што зборот кој се формира може тематски да се поврзе со феноменот и звучи „фенси“.
За да биде појасно, еден пример за бакроним како мнемоничко средство. Тоа е тн. Апгаров тест, кој се применува за проценка на здравјето на новороденчињата. Системот на рангирање бил направен од страна на Вирџинија Апгар, американска лекарка, според кој го добил името. Но десет години по објавувањето, бакронимот APGAR во САД почнал да ги означува елементите кои ги содржи тестот и кои се бодуваат согласно соодветна скала: Appearance (изглед), Pulse (пулс), Grimace (израз на лицето), Activity (активност) и Respiration (дишење).
Конгресните закони во САД често имаат бакроними како свои имиња, на пример фамозниот USA PATRIOT Act (Uniting and Strengthening America by Providing Appropriate Tools Required to Intercept and Obstruct Terrorism Act) од 2001. Можеби и самото име на законот е штелувано така за да се добие неговиот симболичен бакроним.
Постојат урбани легенди или лажни етимологии кои велат дека одреден бакроним е искористен во формирањето на оригиналниот збор. Таков е „пош“ (posh), придавка која опишува стил на живот и донесување на високата класа. Легендата вели дека тој потекнува од акронимот за port out, starboard home, кој се однесувал на скапите кабини на прекуокеанските бродови од 19 век, заштитени од сонце при патувањата на исток (на пример од Британија кон Индија) и обратно, назад кон запад. Но етимолозите велат дека вистинското потекло на овој збор најверојатно е од урду (таму позајмено од персиски), од safed-pōśh, со значење „бели долами“, термин за богати луѓе.
Слично на ова, сигналот за повикување помош SOS често погрешно се смета дека значи „Спаси ни го бродот “ (Save Our Ship) или „Спаси ни ги душите“ (Save Our Souls), но тој е одбран поради едноставниот и недвосмислен начин на кој се пишува на Морзеова азбука - три точки, три цртки, три точки, без паузи помеѓу карактерите.