Што е тоа „аха!“ искуство?

Се нарекува уште и момент на „Еурека“ и се однесува на ненадеен увид во претходно неразбирлив проблем или концепт. Со него најчесто се поврзува работата на германскиот психолог и лингвист Карл Булер, но и на целата школа на гешталт психологија.

Иако бил еден од најпаметнтите луѓе на своето време, Архимед мака мачел да изнајде решение на прашањето кое му го поставил кралот Хиерон Втори од Сиракуза - дали неговата круна е направена од чисто злато. За да дојде до одговорот, на Архимед му требал метод за одредување на волуменот на предмет со нерегуларен облик (во случајов венец), што пак ќе довело до пресметка на густината на материјалот од којшто е направен. Веројатно уморен од мислење, Архимед (имено - објект со нерегуларен облик) легнал во тогашна када и сфатил дека водата во неа се поткренала кога тој влегол во неа. „Еурека!“ („Го најдов!“), викал додека според некои верзии од легендата гол трчал низ улиците. Она што го нашол бил физичкиот закон познат како Архимедов принцип.  

Приказната е најверојатно фиктивна, бидејќи прв пат се појавува кај римскиот писател Витрувиј, речиси 200 години по датумот на наводниот настан. Плус опишаниот метод тешко дека бил довел до дефинитивен одговор за круната. Сепак „Еурека“ моментот останал. 

Под името „Аха!“, тој бил истражуван од гешталт психолозите. Во својата книга од 192, Волфганг Келер опишува како еден од неговите експериментални шимпанза, кој патем се викал Султан, требало да дофати банана која била закачена високо на таванот. По неколку неуспешни обиди тоа да го стори со скокање, тој се повлекол во едно ќоше и по кратко размислување наредил неколку кутии една врз друга и успеал да ја грабне бананата. Ова било протолкувано како „внатрешен увид“ во нештата, или со други зборови - аха! момент. 

Точно е дека овој процес може да вклучува мислење, но исто така ефектот може да биде постигнат и во тн. инкубациски период, кога умот несвесно процесира информации и потоа навидум „од нигде-никаде“ доаѓа до решение. Значајно е дека за да се случи ова, умот треба да има можност да се препушти на неприсилената медитација - колку повеќе време и можност му се даваат, толку веројатноста да се случи „еурека“ ефектот се зголемува.

19 ноември 2024 - 11:02