Името ѝ звучи како скап коктел, но болката што ја предизвикувала била многу полоша од мамурлук. „Шпанско магаре“ била справа за мачење користена од средниот век, па до Американската граѓанска војна од 1860-тите.
Вообичаено таа била направена од дрво, а најраниот познат модел бил конструиран во форма на триаголна призма на држачи, со тоа што жртвите биле терани да седат на остриот раб на „седлото“. Тие најпрвин биле соблекувани и врзувани пред да бидат поставени на врвот, а за работата да се забрза често биле скокоткани или пак на нозете им биле врзувани тегови. Иако навидум „понежна“ од останатите справи кои ги користела шпанската инквизиција, таа предизвикувала подеднаков страв како и озлогласената „шпанска чизма“ или тркалото за тортура.
Иако „магарето“ било измислено во Европа, набргу се преселило во Новиот свет. Една од првите регистрирани употреби била од страна на језуити во она што денес е Канада. Станува збор за христијански мисионерски експедиции во француските колонии низ Северна Америка, кога неколкумина криминалци го поминале ова мачење во 1646. Дури и оние кои биле доволни среќни да преживеат, оделе „раштрафено“ со денови, додека други останувале неплодни или неподвижни.
За време на колонијалниот период во САД „магаренцето“ на кое седеле сиротите престапници било шетано низ градовите од двајца силни мажи, за болката да биде комбинирана и од јавниот срам. Овој метод бил придружуван од практиката на потопување во катран и пердуви. Алтернатива на шетањето било поставување на јавно магаре, какво што имало во Њујорк и било високо повеќе од 3 метри. Toa било користено за криминалци, но и за дезертери, недисциплинирани сопствени војници и такви заробени од непријателската страна.