Шеесет приказни, посебно за животот

Иво Петровски го запознавме преку дебитантската „Првачиња/Избувливиот" (за освртот види тука). Неговата втора книга, „Шеесет раскази општо за животот“, ја продолжува силната надреално-саркастична жица, карактеристична за неговиот стил.

Веројатно најдобриот начин да се долови специфичниот надреализам на овие раскази не е да се посегне по Бретон или Арагон, туку по - Џани Родари. Ако се сеќавате на „Приказни по телефон", некогашната лектира за трето, тогаш знаете за извртената перцепција на реалноста во свет во кој врне дожд од бомбони, постои жена што брои кивавици и глушец што брка мачки. Само заменете го ведриот тон на Родари со мрачниот на Иво и веднаш ги добивате овие шеесет раскази, од кои одбравме два кои најмногу нè бендисаа. Ако светот и ликовите во нив не ви се допаднат, тогаш не е до нив - до светот е.

СЛОН

Допро беше девојка која никогаш во својот живот немаше видено слон, но за две недели во градот пристигнуваше циркус кој ќе прави две претстави во рок од два дена. Таа си обележа на календарот кои денови треба да биде слободна и да не прави ништо друго. Зеде две недели одмор од работа за да не се разболи патувајќи по автобуси и си купи намирници за да седи дома. Седеше така дома и гледаше во календарот точно две недели. Планот ѝ одеше совршено, беше здрава на денот на доаѓањето на циркусот.

Отиде на полјаната каде што беше поставен шаторот од циркусот, си купи билет и една тутурутка сончоглед. Имаше трема, ја изгрицка цела тутурутка за две минути, и купи уште три. Претставата заврши, а слон не се појави, на крајот еден кловн даде изјава дека слонот им избегал, но веруваат дека брзо ќе го најдат и дека никој не треба да се плаши ако го види зашто тој слон бил многу питом, одлично издресиран и социјализиран. Допро се натажи, но беше оптимист.

Утредента повторно отиде во циркус, но овој пат, поучена од претходниот ден, си купи многу повеќе сончоглед. Ја гледаше претставата до крај и повторно излезе истиот кловн и го кажа истото. Циркусот остана дополнително уште десет дена во градот, барајќи го слонот и секој ден имаа престава. Допро беше на сите и секогаш доаѓаше со надеж и со сè повеќе сончоглед. Слонот не го најдоа и циркусот си замина.

Допро не виде слон во циркусот, но си продолжи со животот. Единствена промена што ѝ се случи додека очекуваше да види слон, е што не сакаше веќе сончоглед и никогаш не го смени месецот на календарот. Се трудеше воопшто да не мисли на слон.

По неколку години, враќајќи се од работа, таа се размина со слонот на пешачки, но слонот беше толку добро социјализиран што Допро не ни забележа дека се разминува со слон и продолжи да живее мислејќи дека никогаш не видела слон во животот.

СИРЕЊЕ

Горан не беше многу побожен човек. Беше побожен само до некое средно ниво. Беше вљубен во својата девојка Јасна и правеше сè таа да биде среќна. Реши да ја изненади за роденден и да ѝ плати импланти, но за тоа мораше да го продаде целото козјо сирење кое го направи тој месец. Секој ден во седум часот ги молзаше козите и наредниот ден правеше најквалитетно козјо сирење во регионот. Престана да пие млеко за да има повеќе за сирење. Тргаше на страна само едно чоканче со млеко, кое го чуваше за утринското нескафе на Јасна. Преку ден одеше во градот и го нудеше сирењето, кое беше најквалитетно во регионот. Но никој не сакаше да го купи освен Перо, кој потекнуваше од истиот регион и го знаеше квалитетот на Горановото козјо сирење и имаше ресторан специјализиран за свадби. Тој му го откупи по ниска цена и потпишаа 6-месечен договор за откуп. Се одеше толку глатко и имплантите стигнаа на место.

Горан беше среќен што ја направи Јасна среќна. Но Јасна не беше толку среќна се до два дена после роденденот кога заедно со Горан се симнаа во градот за да му однесат сирење на Перо. Тогаш таа за прв пат го виде Перо, а Перо за прв пат ги виде имплантите на Јасна. Тој и понуди работа, таа прифати, после два дена се вљубија а после две недели се земаа.

Горан беше збунет, знаеше дека Јасна е среќна но тој не е толку среќен, поради тоа и направи план. Имаше обврска токму до свадбата да го снабдува Перо со козјо сирење, најквалитетното во регионот. За свадбата на Перо и Јасна тој однесе мешано козјо со кравско сирење кое подоцна Перо го служеше на својата свадба како најквалитетно козјо во регионот. Никој не забележа.

Иво Петровски

4 април 2016 - 16:39