Малку реалност, колку да се релативизира острата граница помеѓу неа и фикцијата: првиот училишен ден на влезот на школото во нашата населба учениците ги пречека мртва верверичка, набиена на боцка на главната капија. Хаусмајсторот, кој беше повикан дури по еден час, крајно несуптилно го фати несреќното суштество со два прста за крзното, и така држејќи го, со израз на гадење, го премина целиот двор за конечно да стигне до контејнерот. Кој ја немаше видено верверичката до тогаш, сега сигурно не остана ускратен за глетката, како излезена од сценаријата на Иво. Таа може да се толкува и симболично, особено за првачињата: што може од нив да направи системот и неговите идеолошки „боцки", на кои наивните и недоволно опитните можат лесно да се наденат.
Во „Првачиња" нема верверички, но има новопоставен директор на основно училиште, кој на првиот училишен час треба да им се обрати на првачињата со пригодна песна. Опсесивен во неговиот перфекционизам, чија основа е всушност крајна несигурност, тој бара помош од неговите некогашни соученици од гимназија повикувајќи ги во неговиот стан, иако со години не ги видел. Се запознаваме со еден од нив, кој не можејќи да издржи а да не се насмее на стиховите: „Здраво дечиња/ќе играте игрички/ќе ручате кифлички/ќе пеете песнички" заработува куршум во чело. Наскоро сфаќаме дека тој не е единствениот со ваква судбина, туку дека идентично завршиле и сите претходни критичари на „големото дело" на Директорот.
Навидум баналното недоразбирање околу квалитетот на едно уметничко дело (макар тоа било и песна за првачиња) станува причина за физичка елиминација. Алузија на тоталитарните режими кои на овој начин се справуваат со нивните неистомисленици? Дидактичка порака до сите оние во „процесот на образование" да не пружаат отпор на естетските критериуми кои им се наметнуваат за да не завршат како невнимателната верверичка и наивниот критичар? Сите асоцијации се дозволени, и веројатно реални.
И второто кратко сценарио во книгата зборува за наметнатите авторитети. Со ироничен наслов „Избувливиот" тоа зборува за човек, кој иако длабоко во себе постојано се бунтува против она што му се случува, никако да собере сила да пружи отпор. Но кафкијанско-чеховска напнатост со која го очекуваме моментот на катарза, во кој тој конечно ќе ја откачи девојката која не му се допаѓа и раат ќе седне да ја допише семинарската, не попушта и по завршувањето на текстот.
Иако се означени како „сценарија" овие два текста одлично функционираат самите по себе како драми. Очекуваме да ги видиме на филмско платно или на театарските сцени.