Николас Црниот Лос, свето лице на Сиуксите, се смета за еден од највлијателните домородни северноамерикански водачи. Живеел на преминот од 19 во 20 век, а починал во 1950 во индијанскиот резерват Пајн риџ, на 84-годишна возраст. Она што го разликува од другите значајни личности за северно-американските Индијанци, како Црвениот Облак, Лудиот Коњ и Седнатиот Бик, е што тој не се стекнал со слава поради храброст покажана во битки, туку поради неговото визионерство. И буквално - кога имал 9 години и бил многу болен „видел“ нешто што може да се толкува како целовитост на сè што е земско. Му ја опишал оваа визија во 1930 на поетот од Небраска Џон Г. Нихардт, кој ја вклучил во својата книга спомени на светиот човек, под наслов „Црниот Лос зборува“.
Во времето кога се појавила таа не предизвикала реакции, но постепено станала популарна и продавана во милионски примероци. За оние кои не ѝ припаѓаат на домородната индијанска заедница таа била привлечна заради алтернативниот вид духовност кој го нуделе зборовите на Николас. Неговите соплеменици, пак, ја користеле како извор на податоци за религиозните практики од минатото, заедно со уште еден наслов, „Светото луле“, описи на обредите на Сиуксите од антропологот Џозеф Епс Браун. Така „Црниот Лос зборува“ станала книга која многумина ја имаат во ранецот додека стопираат низ американскиот запад.
Но она што Нихардт го изоставил од книгата е еден клучен факт: по кршетавењето, кое се случило на денот Св. Никола во декември 1904, Црниот Лос преминал во католицизам, и тоа не само формално. Останал агилен католик до смртта, и притоа покрстил стотици Сиукси и други Индијанци, ја подучувал Библијата, одржувал миси, и живеел скромен и полезен живот. Станал модел на она што се подразбира под „добар хриситјанин“. Заради ова, минатиот месец бискупи од Американската католичка црква на средба во Балтимор гласале за започнување на процес кој доколку биде успешен може да заврши со тоа што Николас Блек Елк ќе биде прогласен за светец.
Како ли би реагирал генералот Кастер доколку некој му каже дека некој кој стрелал кон него во текот на битката кај Литл Бигхорн денес може да биде прогласен за духовен визионер на Американците-католици? Или некој од неговите соборци, голем број од нив Ирци, и веројатно католици.
Статија во Њујоркер посветена на оваа тема ги истражува обете слики за Црниот Лос - онаа на Сиуксите-традиционалисти кои никогаш се немаат откажано од него, иако според нив Николас направил отстапки кон белечката култура, но „никогаш не се променил одвнатре“. За католиците низ светот пак е корисно да имаат и некој нетипичен претставник во списокот светци, за да ја покажат моќта на преобраќањето. Фотографија пак на Лосот на старост прикажува интересен, древен лик, кој замислено пуши камено луле, веројатно со многу поважни мисли од таа дали некогаш ќе биде светец.