Првата сезона на „Вистински детектив" ќе заврши оваа недела со осмата епизода, во која Метју МекКонахи и Вуди Харелсон треба да откријат кој е масовниот убиец од Ерат, Луизијана, кој зад себе остава куп траги за чие одгатнување, како што се вели во првата епизода, не е потребен детектив туку антрополог.
Ако сте ја гледале серијата знаете за што станува збор. Но и ако не сте ја гледале баш оваа серија, вниманието кое е посветено на сценографијата и реквизитите во неа е интересен податок за тоа како изгледа овој аспект на снимањето на кој и да е филмски производ кој има намера да биде и убав за око, и убедлив по содржина.
Алекс ДиЏерландо, човекот задолжен за материјализирање на сцените и реквизитите во филмот имал навистина тешка работа. Не само затоа што за тие да делуваат убедливо е навистина потребно специфично вон-дизајнерско знаење, туку и затоа што дејството се одвива во три различни периода, 1995, 2002 и 2012, што бара и прецизно прилагодување на сценографијата. Географски теренот веќе му бил познат на ДиЏерландо, бидејќи тој работел на дизајнот на „Ѕверовите на јужната дивина" од 2012, за последиците од голема бура која ги зафаќа мочуриштата токму на јужна Луизијана. Истата хипнотизирачка атмосфера на постојана, тивка опасност која демне од зад секоја спржена грмушка ја има постигнато и во серијата.
Еве неколку специфични реквизити и сетови во неа. Некои се случајно одбрани, но други во себе кријат симболика која е потребна за да се разбере целата приказна.
Ѓаволовите гнезда
Сите уметнички производи - од овие скулптури до сликите во разрушената црква на која се прикажани сцени од убиствата - се дело на Џошуа Волш, уметник од Детроит, кој дваесет години работи во Њу Орлеанс. Тој е од семејство кое поседувало погребално претпријатие, а самиот е ловец и таксидермист, што го правел совршен човек за работата. Скоро една година работел на повеќе од 100 предмети во серијата, инспириран меѓу другото од негови необични уметнички претходници, како претставникот на тн. „аутсајдерска" уметност, Хенри Дарџер. По смртта на овој сликар постхумно се пронајдени дела кои вклучуваат елаборирана митологија, со чудни суштества со свиткани рогови, кои понекогаш се претвораат во деца (што повторно има врска со серијата).
Еден од нив кој постојано се појавува низ серијата, иако секогаш во различни варијатни - тн. „гнездо на ѓаволот", кој не бил детално опишан во сценариото, па Волш морал да го смисли самиот. Се работи за структура на три ногарки, која делува како човечка фигура, но истовремено и како некаква стапица, која поставена навечер покрај креветот ги фаќа лошите духови и го остава човека да поспие раат (слично како „фаќачите на соништа" на северноамериканските Индијанци). Ваквите „гнезда" се доведуваат во врска со Худу - традиционална африканско-американска религија (или повеќе духовно учење), кое не треба да се меша со вуду, иако содржи слични елементи. Карактеристично е за делтата на Мисисипи, каде ја донеле робовите од западна и централна Африка, за подоцна таа да претрпи и христијански, најмногу старозаветни влијанија, при што Светото писмо се сфаќа како извор не на учења туку на бајачки и магија, на пример за безбедно патување, главоболка, па и за проблеми во бракот. Бела и црна магија се прави и користејќи билки, делови од животински тела, но и рачно изработени реквизити, токму како спомнатите стапици.
Во контекст на серијата сепак е важно едно од нивните толкувања, дека се работи за женска фигура (заради широкиот долен дел и долгата коса од слама), и дека е наменета за фаќање на други „женски Ѓаволи" како во стапица. Токму она што се случува во филмската приказна, во која мета на убиецот се жени (и деца).
Местото на злосторството
Во оригиналното сценарио детективите ја наоѓаат Дора Ланг гола и мртва како се моли во шумата со крилја на грбот. Проблемот е што во Луизијана нема шуми, па сцената е снимена во опожарено поле за одгледување шеќерна трска каде бил поставен бизарниот олтар. Крилјата пак биле заменети со рогови затоа што авторот на серијата се сетил на слично убиство во друг филм каде жртвата е пронајдена со крилја. Така што тука џабе му ја мислевме.
Спирали
Кога ја видовме спиралата на грбот на жртвата во првата сцена знаевме дека ќе се навлечеме на серијата. Оваа хипнотизирачка форма ја има во секоја епизода, формирана е на тазе искосена трева, нацртана е по ѕидови, а ја има дури и во летот на јатата птици. Тоа е еден од оние симболи кои можете да ги вметнете каде сакате а тој сепак да не се банализира туку да си остане елегантен и мистичен. Во случајов се врзува со честите метафизички монолози на Кол, како овој: „Некој ми кажа дека времето е рамен круг. Сè што некогаш сме направиле, или ќе го направиме, ќе ни се враќа одново и одново".
Или што би рекол Милчо, „кругот не е тркалезен".
Запалената црква
На сценографите им била потребна запалена црква близу до пат, а таква немало. Морале да ја изградат од почеток, но така барем одбрале фино место од кое се гледаат оџаците на блиската рафинерија и железничката пруга по која минуваат возови. За да изгледа како црквата да горела, дрвото од кое бил направен скелетот претходно го јагленосале. Потоа ја донеле 7-годишната Ела Денсе, истата која ги цртала цртежите кои во серијата се на ќерките на Марти, за да ги наслика библиските сцени на ѕидовите. Потоа врз нејзините цртежи детали додавал спомнатиот Волш, кој ги цртал и скиците на доказите, кои ги прави детективот Кол во неговиот фамозен црн тефтер.
Шољата за кафе на Кол
Додека го испрашуваат во 2012, Расти Кол „швајсува" цитари и потпивнува кафе од една шоља, зад која нема ама баш никаква порака, иако ДиЏерландо сега вели дека е светол, весел момент во инаку мрачната серија. И дека му е криво што не купил повеќе од нив додека шоуто не станало познато, бидејќи сега се продаваат ко алва на e-bay.
За повеќе објаснувања зад реквизитите и сценографијата во серијата тука. И уште еден гиф, чисто од што ни се бендисува.