Во манирот на најславните времиња на социјализмот, кога за колективот со душа се работеше и гинеше, и овие „нови" Руси можат да се пофалат со ударнички дух. Барем кога е во прашање книжевноста, и еден од нивните славни автори.
Кога чукунвнуката на Толстој, новинарката Фјокла Толстаја, најавила дека Државниот музеј посветен на нејзиниот предок бара волонтери за коректорски да прочитаат 46,000 страници текст од неговите писанија, таа се надевала дека ќе се јават доволно луѓе за работата да се заврши за шест месеци. За само неколку дена, се јавиле - три илјади Руси! Меѓу нив инженери, компјутерџии, наставници, пензионери, еден пилот и дваесет години стара келнерка. Тие ја завршиле работата за неверојатни 14 дена.
Благодарејќи на напорите на овие волонтери, речиси сета огромна пишувана оставштина на рускиот писател, вклучувајќи романи, дневници, писма, религиозни трактати, филозофски есеи, патеписи и спомени од детството наскоро ќе бидат достапни онлајн, бесплатни и лесни за симнување. Секако, и до сега имаше нешто од неговите дела на интернет. Но поголемиот дел од новите материјали до сега не беа достапни електронски. Со оглед на тоа што музејот пред се сака да ѝ се обрати на младата генерација, материјалите се компатибилни и за ајпад и различните видови електронски читачи на книги.
Внуката на Толстој изјавила дека до идејата за „краудсорсинг" дошла согласно идеите на Лео, кој често велел дека дури и најтешките задачи можат да се извршат со помош на луѓето од целиот свет. Исто така нему сигурно многу би му значело тоа што делата се достапни без надомест.
Љиља Кајраканова, 38-годишна учителка по руски од Новосибирск, изјавила дека откако корегирала повеќе од 2,000 страници се чувствувала исцрпено, но и среќно бидејќи освоила патување - бесплатна посета на имотот на Толстој. Нејзина задача всушност била да ги спореди страниците скенирани со софтвер за оптичко препознавање знаци со јубилејното издание од 90 тома на Толстоевите дела, кои во Русија беа собирани и издавани од 1920 до 1950-тите. За една страница понекогаш и биле потребни и по пет часа (!).
Дамир Шакуров, 48 годишен компјутерџија од Казан, работел на проектот ноќе и речиси не спиел, надевајќи се дека неговите деца кога ќе пораснат ќе ги користат овие текстови и ќе го откријат, исто како и тој во детството, неговиот омилен писател.
Ова се само некои од приказните на луѓето кои го посветиле своето време и енергија на овој голем потфат, кој веќе се остварува - првите дела кои поминале три круга интензивна коректура веќе се онлајн. Тие го довршиле она што дури и развиената технологија сама не можела да го реши. Со чувство на обврска кон духовното наследство на нивната земја. И сите се зачудени кога ќе слушнат колкумина Руси се пријавиле, не само од матичната земја, туку и од дијаспората. „Искрено, не очекував дека ќе има толку обожаватели на класични дела во овој луд свет", изјавил еден Украинец кој работи во поморскиот транспорт, и во моментов живее во југо-источна Азија.
Извор: Њујоркер