Дваесет години од сега, откако пет пати бил претседател и два пати премиер, Владимир П. конечно е пензиониран. Страда од сенилност и ги минува деновите на имотот близу Москва, опслужуван од тим од 40 луѓе. Главен негувател притоа му е извесен Николај Шереметев, последниот чесен човек и на имотот, а можеби и во цела Русија. За разлика од него, шефот на кујната секогаш фактурира двојно, двајцата шофери на Владимир поседуваат елитен сервис за изнајмување лимузини (оние на Путин), а градинарите ги имаат претворено тревниците во бавчи, сосе пластеници. Излегува дека сите овие ликови некогаш биле чесни луѓе, кои обидувајќи се да излезат на крај со властите сфатиле дека ако не можеш да ги победиш, подобро е да им се придружиш. Шереметев оттаму е на линија на традицијата на руските „свети будали“, која покажува дека некорумпираноста и лојалноста се ендемични особини.
Напредокот на сенилноста на Владимир е детално опишана, а тоа се должи на фактот што авторот Хониг е некогашен доктор. Нему од време на време му се враќаат спомени, а има и ментални средби со извесен Чечен со кого жестоко се расправа околу политички теми. Иако звучи така, романот сепак не е сатиричен, ниту полемички. Тој на моменти поттикнува дури и и симпатии за патолошката состојба на Владимир П.: „Што и да имаше останато од свеста на Владимир, тој се уште беше личност, која може да чувствува, да вика, да плаче, да се сомнева, да се смее“. Заради ова Шереметев се обидува да го третира „нежно“, како човечко суштество кое истовремено е - пациент.
Ова сепак не е роман ниту за сегашен, ниту за бивш претседател на моќна држава, туку за оние луѓе кои во својата немоќ да се соочат со системот кој ги понижува одбираат да останат наивни - во таа смисла Шереметев е опишан како руска верзија на Кандид, а Путин само како прототип на кој и да е друг тиранин.