Робинзон Крусо полни 300

Една од најпознатите книги во книжевната историја, втора по број на преводи после Светото писмо, се уште е лектира во нашите програми иако според современите толкувања се темели на расистички стереотипи. Што е толку привлечно во романот на Дефо?

Напуштен остров, бродоломник, неочекувана средба со домороден жител, борба за опстанок...„Робинзон Крусо“ содржи заплет кој и тристотини години подоцна се реплицира, во време кога веќе речиси и не се останати пусти острови вон радарот на цивилизацијата, и кога бродоломници се најчесто мигранти покрај брегот на земја која не сака да ги прими.

Временски лоциран во време на ропството, овој роман во времето кога е напишан навистина зборува за белиот Робинзон и црниот Петко кој доброволно станува негов слуга. Но ова е многу тесно толкување на книгата, која доколку се познава карактерот и останатите три стотини дела на Даниел Дефо добива и други димензии. Често во конфликт со интелектуалната елита на своето време заради неговите политички памфлети и богохулење, тој го користи островот како метафора за изолација, интроспекција и излегување на крај со сомнежот во постоење на Бог. Тој е истовремено и свет во мало, простор во кој Робинзон ги искусува сите конфликти низ кои минува(ло) сето човештво во сите историски периоди и во секое општество, па дури и кога е во придружба на само еден човек - стравовите и нагоните си ги носи со себе, без оглед на контекстот. Оттаму, ова е и роман кој зборува за проблемите на модерноста, многу пред тие проблеми да се прошират со заборавање пасворди или спамирање во форма на шишиња со пораки фрлени во морето.

Ликот на Крусо бил овозможен од просветителството, кое ја пропагирало идејата за поединецот како автономен морален субјект. Улогата и судбината веќе не биле предодредени од статусот и од ѕвездите, туку секој можел да се стреми да постигне нешто, па дури и од ништо. Сепак, тоа што Робинзон е претставник токму на целната група на читатели на книгата (писмени, богати Британци) може да се толкува и како метафора за капиталистичката самодоволност.

Дефо се инспирирал од повеќе мемоари за морски авантури, но најверојатно и од живи „информатори“. Прагматичен бизнисмен каков што бил (едно време одгледувал вид диви мачки заради состојка која се користи за правење парфеми) ги искористил за да напише бестселер кој истовремено ги промовирал и неговите политички и социјални ставови. И покрај одличната продажба, неговиот авторски хонорар биле скромни 50 фунти, па не е ни чудо што по првичниот роман пишувал и продолжетоци. Да имало филмска технологија во тоа време сигурно би бил и успешен продуцент на сопствените дела.

За Џејмс Џојс Робинзон бил вистински прототип на британскиот колонист. Вирџинија Вулф во него гледала персонификација на буржујот: внимателен, конвенционален и крајно прагматичен. Роланд Барт пак во населувањето на пуст остров видел остварување на детски сон - повторно измислување на светот, но овој пат по сопствени правила и вкусови. Сите критики и неблагонаклони толкувања сепак не го имаат спречено Робинзон да стане иконична фигура во западната култура, која по неговото креирање врие од „робинзони“, ставени во различни контексти. Па дури и во придружба на жена, како што е романот „Фо“ на Џ. М. Куци (за кого пишувавме тука)

Види и: Од акцијата „Раскажувам лектира: Ведрана за Робинзон Крусо

4 мај 2019 - 07:28