„Растрг“

Речник на зборови за различни видови таги

А зошто на волку убав ден би пишувале за таги? За да се подготвиме за доаѓањето на вистинската есен.

Џон Кениг измислува или промовира зборови со намера да пополни „дупки“ во јазикот (англискиот и воопшто) - да им даде имиња на зборови за емоции за кои не постои соодветен збор во секојдневна употреба.

„Мисијата на авторот е да ги отслика болките, демоните, вибрациите, меланхоличните радости и нагоните кои ни роварат во психолошката внатрешност. Секоја тага е етикетирана, тагирана и смирена, за потоа нежно да биде вратена во потсвесното“, пишува во објаснувањето на неговиот јутјуб канал

Ваквите зборови, придружени со убаво изработени кратки видеа, тој ги промовира уште од 2014, и до сега тие имаат над 7 милиони прегледи. Постовите не ги објавува многу често, на неколку месеци по едно, што покажува дека ги прави со внимание и од ќеф. До крајот на годината се планира и излегување на книга под истиот наслов.

Во ова видео од 2016 од ТЕДx Беркли, Кениг објаснува „како ние мислиме дека ги дефинираме зборовите, но и како тие, како некаква одмазда, нè дефинираат нас“.

Иако за промовираните термини се вели дека се „нови“ или „измислени“, тие најчесто се референци на постоечки зборови во други јазици, или игра со заемки во англискиот. На пример, „луталика“ (кој ние некако си го врзавме со „луталица“) му е збор кој означува „дел од твојот идентитет кој не се вклопува во постоечка категорија“, а Dès Vu (спротивно од дежа ву), „свест дека ова сега ќе стане спомен“. Поврзано со последново - morii - желбата да се „зароби“ минливо искуство, постојана потреба да „замрзнеме“ убави мигови, за да ни траат, со тоа што ќе ги фотографираме или снимиме. Наш залуден и опсесивен обид за заробување на сетилноста на моментот и кликање „пауза“ на животот кој е постојано на „плеј“.

„Дел од нас знае дека ова не е можно. Па сепак не се откажуваме - ех да можам да останам малку подолго...“

Наш предлог за преминот од прекрасно топлата есен во студенила - „растрг“. Кога знаеш дека наскоро ќе треба да ги раскренеш низ двор столиците, фенерите од хартија и лулашката со перниче за да не ти ги уништи дожд, а си растргнат од желбата никогаш да не го сториш тоа. Ваши предлози во коментари.

20 октомври 2017 - 09:00