Психопатите поинаку чувствуваат болка

Психопатологијата е поврзувана со убијци, озлогласени криминалци и вистински крими приказни кои доминираат во категориите документарци на стриминг платформите. Ново истражување покажува дека тие - психопатите - имаат сложен однос кон болката, што може делумно да биде одговорно за нивниот недостаток на емпатија.

Психопатолошките карактеристики се на спектар, иако за медицинските професионалци да се биде дијагностициран како психопат би требало да се биде некаде повисоко на таа скала. Типично, тие луѓе покажуваат поголема толеранција на болка, и тоа се отсликува во нивната физиологија. Студија од јули 2024 покажува дека учесниците кои котирале високо на скалата на психопатологијата ја процесирале болката поинаку од останатите. Истражувачите аплицирале болка со притисок на учесниците користејќи апаратче кое им го притискало прстот со компресиран воздух. Потоа им биле мерени реакциите, поконкретно колку тие се потеле. 

Механизмот е наречен „oдговор на спроводливост на кожата“ (skin conductance response, SCR) и се активира во ситуации кога треба да бираме дали да се бориме или да бегаме, па дури и кога се обидуваме да се концентрираме. Токму ова било користено за да се измери реакцијата на учесниците на болка и емпатија во експериментот. 

Пред почетокот, истражувачите полека го зголемувале притисокот чувствуван од учесниците, до моментот кога тие ќе кажеле дека го достигнале прагот на издржливост. И ниската и високо психопатската група избрале слични нивоа на притисок како гранични.

Следно, биле аплицирани различни нивоа на притисок за да се обезбеди дека учесниците нема да се навикнат на стимулациите. По секоја од сесиите, од нив било барано да наведат колку болка чувствувале проценувајќи ја на скала од 0-100. 

Учесниците во групата со повисока психопатологија известиле дека чувствуваат генерално помалку болка од останатите, а истовремено ги оцениле своите прагови на издржливост како помалку болни во споредба со ниско психопатолошката група (на скала од 0-100). Сепак, чисто физиолошки, кожната спроводливост, односно нивото на потење, кај двете групи било сосема исто. 

Што значи ова? Наодите сугерираат дека станува збор за различно интерпретирање на болката. Можеби тоа објаснува зошто психопатите преземаат поголеми ризици и покажуваат повисоко ниво на агресија или насилство кон другите. Тие едноставно не ги препознаваат чувствата на болка на ист начин како другите луѓе. Истовремено, во заканувачки ситуации реагираат со послаби физиолошки реакции, бидејќи не ја асоцираат болката со страв или со казна. 

Резултатите на студијата сугерираат дека разликата во перцепцијата на болката помеѓу високо и ниско психопатните личности можеби е повеќе психолошка а не физиолошка. Сепак, не се знае дали тие само глумат дека чувствуваат (или не чувствуваат) болка или се едноставно дисоцирани со она што им се случува во телата. Истовремено, тие помлако реагираат на болката на другите. Кога им биле покажувани слики, како рака фатена во врата или голо стапало како гази на скршено стакло, тие имале послаби физиолошки реакции во споредба со другите. Ваквите пониски нивоа на емпатија се поврзуваат со повисоката толеранција на болка - ако некој не ги разбира чувствата на болка на истиот начин како другите луѓе, тoгаш веројатно не може ни да ја разбере болката која ја искусува некој друг. 

Сепак, само затоа што некој покажува повисоко ниво на психопатолошки особини не значи дека тој ќе се претвори во лик од крими документарец. Некои од овие особини можат да бидат позитивни и да им помогнат на луѓето да ги регулираат своите емоции. Така, хирурзите и другите медицински професионалци покажуваат високо ниво на психопатични особини, особено во смисла на имунитет на стрес. Ова им помага да донесуваат брзи, рационални одлуки, без да бидат навјасани од паника. 

28 март 2025 - 18:31