БиМајнд (BMind) е персонализиран тренер за ментално здравје, во облик на паметно огледало. Производител е здравствената технолошка компанија Баракода, која производот го промовираше на неодамна завршениот Саем за потрошувачка технологија во Невада, САД, каде ја доби главната награда во категоријата „паметен дом“. Софтверот од платформата CareOS препознава гестови и гласовни команди и преку нив суптилни промени во здравјето, а потоа обезбедува персонализирани препораки за подобрување на менталната состојба на корисникот.
Менаџирањето на стресот, смирувањето на анксиозноста и намалувањето на несоницата бараат сојузник кој би охрабрувал проактивен пристап кон сопственото здравје. Тоа до сега можеше да биде човек - терапевт, пријател, партнер - но сега може да биде и (не)обично огледало. БиМајнд собира информации без инвазивна технологија и му помага на корисникот да внесе позитивни промени во дневните рутини, па дури и да го намали чувството на осаменост преку користење соодветна светлина, звук и визуализации.
БиМајнд функционира врз база на генеративна вештачка интелигенција во делот за разговори и тренинзи, како и врз основа на процесирање на природен јазик (NLP) во делот за детектирање чувства. Оперативниот систем им овозможува на производителите да создаваат умни огледала многу побрзо од претходно, и да прилагодат каков и да е екран за оваа цел. Можно е вградување и други апликации, а до сега 40 провајдери се веќе компатибилни со користениот софтвер.
Огледалото ќе биде достапно за широка потрошувачка до крајот на годината и ќе чини помеѓу 500 и 1000 долари.