Истражувачите на ликот и делото на Портер долго време сметале дека оркестарските делови исчезнале, и дека шоуто никогаш нема да може да се повтори. Ама..
Аранжманите се пронајдени, заедно со претходно непозната композиција, под наслов Riplling Stream. Шоуто, сега наречено „Амбасадорската ревија" ќе биде поставено за прв пат во САД во петок на 27. јуни, во Town Hall во Њујорк.
Тоа вклучува 19 композиции на Портер, повеќето сочувани во нотни листови за пијано и глас издадени во Париз бргу по премиерата, но меѓу нив има и четири за кои воопшто немало никаков запис, а во антологијата на Роберт Кимбал „Целосните стихови на Кол Портер" (Vintage, 1983), се наведени со забелешката дека за нив „нема сочувана музика". Rippling Stream воопшто и не била вклучена во книгата, која инаку има 501 страница.
Во 1928 Портер се уште бил никој и ништо, па оттаму не е ни чудо што претставата бргу згаснала. Но според познавачите на овој композитор ова е негово важно рано дело кое во себе го содржи зародишот на сиот хумор, на игривоста и луцидноста кои подоцна ќе станат негови препознатливи карактеристики.
Начинот на кој се пронајдени композициите звучи многу едноставно. Иако му било кажано дека целата архива на Фред Варинг, која содржела голем број оркестарски дела на Портер, е прекопана, и дека таа не содржи ништо од „Амбасадорската ревија", Винс Џордано кој бил задолжен за оркестрација на нотните записи за глас и пијано, одлучил да провери уште еднаш. Тој составил список на песните според наслови и самиот се јавил во архивата. Наскоро му одговориле дека ги пронашле сите оригинални аранжмани.
Две од композициите биле напишани за Франсис Гершвин, сестра на Џорџ, која учествувала на премиерата. Една од нив била воведната, која го најавувала шоуто на следниов начин:
If you're prepared for an orgy
Of music written by Georgie,
I'll try to sing you some fav'rites of
The man I love.