Во 1959 двајца поранешни затвореници, Дик Хикок и Пери Смит, влегле во домот на богатиот фармер од Канзас Херб Клатер, и го убиле него, жена му и двете деца. Труман Капоти, кој во тоа време веќе бил познато име на книжевната сцена, особено со романот „Појадок кај Тифани“, станал толку опседнат од веста за четворократното убиство што веднаш заминал во Холкомб, местото на злосторот. Во следните неколку години тој неколку пати престојувал во малиот град за да зборува со мештаните, како и со самите убијци. Книгата произлезена од оваа полу-новинарска, полу-писателска работа, е објавена во 1966, формирајќи нов жанр во литературата - „наративна фикција“.
Но во целата приказна сега се замешува нов елемент. Според неодамнешна истрага на Вол Стрил Џурнал (тука, со претплата), Хикок - кој заедно со Смит бил обесен во 1965 согласно смртната казна која им била изречена на обајцата - се обидел да ја раскаже својата верзија на убиството. Насловен како „Исправниот пат до пеколот“ (The High Road to Hell), „загубениот ракопис“ од 1962 некако им се измолкнувал и на новинарите и на истражувачите на целиот случај. Сè до сега.
Она што се знае е дека Дик Хикок напишал 200 страници на рака од неговата затворска ќелија. Со помош на сега починатиот новинар од Канзас сити Мак Нејшнс, тој се обидел да добие договор со Рендом хаус, но издавачот веќе имал потпишано со Капоти за спомнатиот роман, па не го прифатил предлогот.
Сепак, некој сочувал копија од ракописот. Во 1962, две години по изречената пресуда на Хикок, Нејшнс наводно бил натеран од затворските службеници да му предаде примерок од ракописот на Роберт Хофман, адвокат кој работел на случајот Клатер. Овој примерок во рацете на ВСЏ дошол преку неговиот син, Курт.
Според истрагата на весникот, Капоти, ракописот на Хикок бил завршен пред романот на Капоти, па вториов со сите сили се обидувал да го спречи објавувањето, знаејќи каков потенцијал за успех има неговиот сопствен роман. Тој наводно сакал дури и да го откупи примерокот на Нејшнс, кој починал во сообраќајка три години по егзекуцијата на Хикок. Во сето ова се замешани и властите од Канзас кои (повторно наводно) исто така биле заинтересирани верзијата на Хикок никогаш да не се појави.
Она во што се разликуваат двете приказни, онаа на Капоти и онаа на Хикок, е всушност само еден пасус, каде се тврди дека целото убиство било всушност нарачано од извесен „Робертс“ за пет илјади долари. Но постоењето на таков човек никогаш не е спомнато во текот на судењето, а нема потврда ни дека убијците некогаш добиле вакви пари за извршеното дело. Дека Капоти работел на тоа верзијата на Хикок да не се објави е сосема можно, но тоа се уште не значи дека тој лажел за она што се случило, или дека раскажал сосема поинаква приказна од онаа што ја знаел како вистинска. Најверојатно едноставно сакал да биде прв и единствен што ќе го стори тоа.
Претходно: Букбокс читанка за „Ладнокрвно убиство“ со интервју со преведувачката на книгата на македонски