Да имаш објавено четиринаесет книги поезија по ред не е мала работа. Ама па и Јовица не е мал поет. Насловот на новата книга е „Остави ме да си доиграм“, како кога мајките нè собираа од пред зграда, додека врз градот полека паѓаше летниот мрак, ама нам не ни беше за заминување. Сакавме и сакаме уште.
Промоцијата ќе се одржи во среда, на 06.06.2018 во МКЦ - Клуб Ресторанот, во 20 часот. За книгата ќе зборува д-р Соња Стојменска-Елзесер, а песни ќе читаат актерите: Петар Арсовски, Драгана Костадиновска и Јовица Михајловски. Издавач е Или-или.
Еве и една песна од книгата.
Љубовта е
Предзнак на болка,
увертира кон тагата што
(вака или онака) не ти гине.
Како кога те вијат нозете и ти
знаеш дека, кај и да е, ќе заврне.
Како кога те лазат морници пред
да те нападне убиецот.
Парацетамол во ге-мол по првото кивање.
Антибиотик на своја рака, зашто знаеш дека ќе
ти се спушти на гради, и ќе боли, многу.
Збир на чувства или само едно.
Две сродни души + хемија.
Кожи кои искрат при допир.
Оргазам, до оргазам, до оргазам...
Љубовта не е бесконечност,
ниту, пак, шорткат до бескрајот.
Некогаш е еднонасочна улица,
некогаш булевар на изгрејсонце,
некогаш автопат со повеќе
ленти за претекнување,
неретко ќорсокак.
Јовица Ивановски