Во 1974 Ринпоче го основал институтот Наропа во Булдер, Колорадо, кој подоцна станал прв акредитиран будистички Универзитет во северна Америка. Tој ги најмил неговите ученици Ален Гинзберг и Вилијам Бароуз да предаваат книжевност на летни курсеви, иако тие немале баш некакво претходно предавачко искуство. Гинзберг тоа го правел секое лето од таа 1974 до крајот на животот, минувајќи го остатокот од годината на постојаното работно место на Бруклин колеџ.
На овој сајт има голем број снимки од овие работилници, како на пример предавања за Џек Керуак, анализа на Шекспировата „Кротење на опаката" и 19-вековната поезија. Неговата ерудиција, но и меморија кога рецитира на памет цели пасуси и песни е неверојатна. Понекогаш го тупи, како кога инсистира на споредба на неколку различни изданија на Шекспир во англиското говорно подрачје, но тоа само покажува колку е упатен и прецизен, вон стереотипното портретирање на битниците како повеќе заинтересирани за добра журка отколку за длабоки книжевни анализи и цитирање референци.
Неговото присуство во училиштево сепак не поминало без проблеми - неколкумина поети го обвиниле него и неговиот учител за погрешно толкување и пренесување на будистичките учења, односно за „будистички фашизам". На овие конфликти дури им е посветена и цела книга под наслов „Гoлемите поетски војни во Наропа", а снимени се и два документарци. Првиот, од 1978, се вика „Пржени чевли, варени дијаманти" а наратор е самиот Гинзберг.
Блиски до оваа група биле и Маријан Фејтфул и Џони Мичел, која на Ринпоче му ја посветила песната „Бегалец од патишата"