Приказната за единствената жена во редовите на јапонските јакузи

Мако Нишимура e ситна жена која денес има околу 60 години, со нежно лице и долга брановидна коса. Сепак, таа не е традиционална Јапонка - тетовирана е до вратот и долж рацете, а ѝ недостасува и мал прст на ракта. Сите тие се знаци дека припаѓа на јакузите -озлогласената мафија, во која вообичаено нема жени.

Редовите на јапонските јакузи се состојат од мажи, а жените играат споредна улога. Вообичаено, тоа може да биде „анесан“, сопругата на шефот која се грижи за помладите членови и претставува некој вид медијатор помеѓу двете страни. Жените и партнерките ја поддржуваат групата, но само индиректно, како газдарици на клубовите во сопственост на јакузата или како дилерки.

Во интервју за The Conversation, Мако Нишимура, единствената до сега позната жена-јакуза, вели дека била вклучена во нивните редови од 20-годишна возраст. Нејзиното семејство било многу строго, а татко ѝ ја воспитувал со бамбусов стап. Во средно школо решила да избега од дома, па се спријателила со бунтовни врсници и бајкерски банди кои ја научиле како да се тепа. Така се зближила со млад член на јакуза, кој ја зел под свое и ѝ покажал како да собира „арач“, да уценува и да регрутира девојки за проституција. 

Нејзиниот живот се променил кога една вечер пријател ѝ јавил дека е во опасност - таа веднаш отишла да го спаси користејќи бејзбол палица и направила р'шум. Ова го привлекло вниманието на локален шеф, кој ја повикал со зборовите: „Иако си жена, мора да станеш јакуза“.

Така, таа поминала низ церемонијата „саказуки“, каде преку пиење саке се формираат врски слични на фамилијарните. За да се извини за една заедничка грешка самата си го пресекла малиот прст на раката. Кога некои од членовите не можеле самите да си направат ампутација, ја викале таа да го стори тоа, со што го заработила прекарот „мајстор на сечење прсти“.

Кога Нишимура наполнила 30, главната трговија на нејзината група со мет почнала да го зема својот данок, бидејќи таа и самата станала зависник. Избегала и продолжила самата да продава, за што била засекогаш исфрлена од групата. Останала бремена со член на ривалска група, и одлучила да продолжи со тивок живот и да се грижи за детето. 

Сепак, ова не било баш едноставно - нејзиното минато и тетоважите биле пречка таа да добие каква и да е вообичаена работа. Откако минала низ повеќе предизвици, се развела со два сина и нашла работа во бизнисот на рушење куќи. Денес живее сама, обидувајќи се да биде прифатена од заедницата. Раководи со хуманитарна организција која обезбедува дом и помош за поранешни јакузи, затвореници и зависници. Нејзината приказна ги редефинира границите на родовите улоги во бруталниот свет на јапонскиот организиран криминал. 

19 јануари 2024 - 10:01