Славиша Пајкиќ или Биба Струја е роден во1957 во село Пољана кај Пожаревац, а својата необична способност ја открил во браварска работилница каде учел занает како 17-годишник. Кога се покажало дека без тешкотија допира жици под напон додека другите калфи при истото доживувале струјни удари, сопственикот на работилницата од страв го избркал.
Полека сфатил дека има посебен талент, резултат на генетска мутација поради која неговата кожа содржи многу помалку вода, па оттаму е повисоко отпорна на струја. Сепак, нешто што на другите им изгледало како дарба, за него било, и се уште е, клетва. Од мај до септември вели дека е како „мртов човек“, мора да биде постојано до климатизер или да носи мокра блуза. И неговиот брат ја има истата мутација, но тој одлучил да не прави ништо со неа - останал на семејниот селски имот.
Ама Биба бил сигурен дека има начин сето ова да го уновчи. Почнал со телевизиски настапи изведувајќи трикови, а најпознатиот му бил држење на вилушки во раката низ кои спроведува струја и пече виршли. Со вакви и слични финти се издржувал настапувајќи низ Европа, главно во ноќни клубови. Но бидејќи не заработувал многу на овој начин, морал да го рашири бизнисот и со терапевтски масажи со струја, понекогаш и по 20 на ден. Самиот се нарекува „електробиотерапевт“, кој со помош на благи струјни удари може да лечи мигрени, синуси, реума и проблеми со ’рбетот. Во 1983 влегол во Гинисовата книга како човек кој може да издржи напон од 220 V и повеќе, иако во домашните медиуми често погрешно е наведувано дека соборил рекорд издржувајќи напон од 20.000 V. Сето ова е вклучено и во документарецот посветен нему, „Човек-батерија“ од 2012.
Во 2011 белградско „Време“ објавува статија под наслов „Разоткривање на митот за Биба Струја“, во која се опишуваат демонстрации кои ги извршило Друштвото за промоција и популаризација на науката со „човекот од 20.000 волти“, вклучени во спомнатиот филм.
Испитувањата на наводните моќи на Славиша биле извршени во просториите на Институтот за физика при Универзитетот во Белград. Група млади научници ги следела триковите на Славиша онака како што тој вообичаено ги изведувал пред публика, а потоа е мерена и анализирана апаратурата користена при настапот. Истражувачите дури се обиделе да ги повторат триковите, покажувајќи дека со доволно внимание, подготовка и разбирање на она што се прави и тие би можеле да бидат „феномени“. Сепак, поради генетската мутација, факт е дека Пајкиќ има многу поголема отпорност на електрична струја - 10 до 50 пати повисока од просечниот човек.
И покрај тоа што со години настапува со исти или слични трикови, тој не се откажува - лани се појавил на „Бугарија има талент“.