![](/files/styles/780px/public/bookbox/2025/02/13/439526-pred-korektorot-i-dilit-dzhejn-ostin-koristela-shpenagli-za-ureduvanje-na-svoite-rakopisi.jpg?itok=iQY9FMRd)
Во 2011, библиотеката Бодлијан во Оксфорд го набавила ракописот од „Вотсонови“, романот на Џејн Остин чие пишување таа го напуштила, веројатно незадоволна од тоа како се развива. Тој се смета за еден од најраните примери на англиски роман кој опстанал во својата формативна состојба. Колку што е познато, Остин напишала седум романи, а „Вотсонови“ е детално ревидиран и корегиран, но на еден необичен начин.
Пред течниот коректор кој се користеше за поправки на текстот куцан на машина (прво го разредуваш, па го тресеш, па го нанесуваш, па го дуваш да се исуши) и пред компјутерите, авторите често препишувале, допишувале, шкртале. Во случајов полните страници сугерираат дека Остин не предвидела процес на детално уредување - не испланирала празни места за евентуални измени. Така, таа морала да најде алтернативен начин. Промените ги напишала на други, мали ливчиња, и истите со шпенадла ги закачувала на ракописот, точно на местата кадешто требало да се вметнат.
Делува како генијален изум на авторката, но според одговорниот за специјалните збирки во спомнатата библиотека, овој метод сепак не бил баш нов. Игли за ваква цел биле користени од 1617.