Кога излезе во 2007, „Секс на маргините: миграција, пазари на труд и спасувачката индустрија“ од антропологот Лора Марија Агустин, таа предизвика бура од контроверзи. Она што ги разгневи оние кои профитираат од кампањи за спречување на трговија со луѓе, беше ставот на авторката дека паниката околу ова прашање се базира на длабоко патронизирачка слика за таканаречените „жртви“ на ваквата трговија, како и на „фантазии“ за неверојатните бројки на таквите луѓе.
Имено, според податоци на американскиот Стејт департмент, секоја година жртви на ваква трговија во светот се помеѓу 600.000 и 800.000 луѓе; УНИЦЕФ вели дека истото се случува и со милион деца и млади. Дури и сериозни медиуми го пресликуваат дискурсот за трговијата со луѓе, со истата страст како и таблоидите кога зборуваат за мигранти кои му ги крадат работните места на домородното население, потпалувајќи го колективниот сентимент по ова прашање.
Агустин не одрекува дека постојат случаи на присилна миграција, или дека има посредници кои профитираат од ригидните државни закони и строгите гранични контроли, илегално пренесувајќи ги мигрантите до новите дестинации. Но нејзиното петгодишно академско и теренско искуство во Латинска Америка и во Азија покажува дека погоре спомнатите бројки се базирани на генерализации, а често и на „неверојатни шпекулации“. Поголем дел од она што се пишува во врска со трговијата со луѓе не е базирано на емпирија, па дури и кога се работи за истражувања чии автори се од академскиот свет - повеќето од нив се потпираат на она што го кажуваат медиумите и на статистики објавени без образложување на методологијата или јасно наведени дефиниции.
Токму заради последново често не е јасно што е што на теренот на трговијата со луѓе. Статистиката за „новото ропство“ често ги вклучува сите мигрантки-сексуални работнички, како тие по дефиниција да се жртви на трговија. Идејата зад ова размислување е дека ниту една „нормална“ жена не би сакала да работи во сексуалната индустрија. Но вистината е често понијансирана - ваквиот став ги инфантилизира мигрантките, елиминирајќи секаква можност оние кои продаваат секс тоа да го прават доброволно. Иронично, но горниот став ги третира како пасивни објекти, како немислечки суштества кои се влечкани низ светот без нивна волја.
Повеќето мигрантки, вели авторката, вклучително и оние кои се во секс индустријата, имаат направено јасна одлука да го напуштат домот и да си ја бараат среќата на друго место. Тие не се „пасивни жртви“ кои би требало да бидат „спасени“ од анти-трафикинг активисти и да бидат вратени во земјите од каде што потекнуваат. Често тоа се решителни и амбициозни жени кои мигрираат токму за да избегаат од предрасудите, опасните средини и конзервативните семејства во кои живеат. Колку и да звучи шокантно за феминистичките настроени социјални работници, за полицијата и за истражувачките новинари кои ја сочинуваат она што Агустин го нарекува „спасувачка индустрија“, некои од жените со кои таа разговарала, сиромашни мигрантки, „им се допаѓа идејата некој да ги гледа како убави или егзотични вон нивните земји, и да побудуваат возбуда кај нив“.
Така, она што се претставува како спасувачка мисија всушност е спречување на мигрантите да избегаат од дома, да најдат работа, да ги исполнат своите желби за поинаков живот. Ова особено се однесува на жените, кон кои „спасувачката индустрија“ има однос кој граничи со колонијалистички и матерналистички. Исто како што буржујките од 19 век сметале дека е морална доблест да ги спасат сиротите проститутки, кои „фатиле погрешен пат“, крстоносците против трговијата со луѓе гледаат на жените како на слаби и ранливи суштества, на кои им е потребно насочување од релевантен поединец или институција.
Всушност, мигрантите се многу поголеми космополити и имаат многу полиберални ставови кон слободата на движење од „западњаците“ кои проповедаат во нивно име. Таа цитира курдска мигрантка во Холандија која смета дека границите треба да се избришат: „Не доаѓам од сонцето или од месечината. Јас сум од земјата како и секој друг, а таа ни припаѓа на сите нас“.
За оваа контроверзна тема, за нејзините други дела, како и за популарниот блог Naked Anthropologist со Агустин ќе може да се зборува во живо, во петок, 15.12 во Јавна соба со почеток во 18 часот. ФБ настанот тука (влез слободен+симултан превод).