Јерговиќ во март 2015 на својот блог, во рубриката Саботни матинеа, објави статија под наслов „Петер Хандке: правда за писателот“, во кој се обидува да ги рационализира причините за тоа што Хандке толку доследно и тврдоглаво се држел до поддршката на режимот на Милошевиќ, дури и (или токму затоа што) овој негов чин наишол на големо неодобрување. Иако звучи необично, причините ги наоѓа во - детството на авторот.
Роден во 1942 во Грифен, Корушка, во куќата на својот словенечки дедо Грегор Сивец, како вонбрачен син на германскиот војник Ерих Шенман, Хандке дури на 18 години дознал кој му е татко. Мајка му Марија пред неговото раѓање се омажила за Адолф Брун Хандке, берлински возач на трамфај. Живееле во Источен Берлин, па пред поаѓањето на училиште на Петер се вратиле во Грифен. Живееле од социјална помош, таткото бил алкохоличар и семеен насилник. Врсниците пак не го прифаќале малиот, затоа што зборувал со берлински нагласок.
„Околностите на растењето ги одредуваат писателите, но ретко толку колку во случајот на Хандке. Од своето детство тој ја создал и својата поетика, и својата политика“, вели Јерговиќ во текстот. Инаетот кон средината му останал вграден како карактерна црта и довел до тоа да тој да се осами и спротивстави на речиси целата општествена и книжевна елита. По неговата поддршка на меѓународно изолираната Србија, Европејците и голем дел од Балканците (вклучително и голем дел од Србија), престануваат да водат сметка за сè што ќе напише овој автор и речиси сосема го „ликвидираат“.
А со што толку ги налутил? Со тоа што истрајал, не замолкнал ни по првите скандали, туку тврдоглаво продолжил по свое, уживајќи во тоа што е издвоен и поинаков, во тоа што е отфрлен. Барајќи правда за Србија, според Јерговиќ, тој барал правда за она момче од најмрачната корушка вукојебина, кое ете, зборувало со берлински акцент, во повоените времиња кога Австријците за да се разликуваат својот јазик го нарекувале - австриски. Очигледно повеќе му значела таа рано доживеана навреда отколку сите идни книжевни слави, вклучувајќи ја и Нобеловата, која сигурно би му ја дале, да не се инаетел.
На крај, заклучува Јерговиќ, кој повеќе загубил: Хандке или оние кои одлучиле да не го читаат повеќе, за да не мораат да го ценат како еден од реално најголемите европски автори? Тој не загубил ништо, освен што напишал неколку пропагандни книги, недостојни на својот талент. Но оние кои го нарекуваат „фашист“, не се во право, иако Хандке, барајќи го доброто во Милошевиќ и Караџиќ, ги подржувал српските фашисти. Го правел тоа од невнимание и од незнаење: во Србите ја барал својата детска метафора, наместо во нив да гледа луѓе кои се како и сите други луѓе. Па помеѓу останатото и склони кон фашизам.
Без оглед колку оваа психоаналитичка теорија му држи на Јерговиќ, интересно е што само по четири години тој е демантиран - инаетот на Хандке сепак му се исплател.